Интервју

Интервју: Илија Николовски, претседател на Партија на пензионерите – Сиромашни сме, нема ни закон за минимална пензија!

Особено сум загрижен за оние со минимални пензии кои се до 12.500 денари, вели првиот човек на партијата на пензионерите. Пензионерите поради возраста и здравствената состојба, во најголем број, директно се зависни од своите пензии, а многу често мораат и да им помагаат на своите деца и внуци. Затоа наша основна програмска заложба е да се уреди соодносот на минималната пензија со минимална плата на најмалку 70%. За ова прашање постојано правиме притисок во коалицијата што е можно побрзо да почне процесот за донесување Закон за минималната пензија, додава Николовски

 

Јованка ЦАРУЛЕСКА ГРУЕВСКА                                Фото: Ѕ. Плавевски

 

 

Како прв човек на партијата на пензионерите, задоволен ли сте од статусот на пензионерите? Што треба да се подобри, за што ќе се залагате?

Како човек, основач и 10-годишен лидер на Партијата на пензионери, секако дека не сум во потполност задоволен со сегашниот статус на пензионерите, имајќи ги предвид реалните трошоци кои се потребни за елементарно достоен живот. Притоа особено сум загрижен за оние со минимални пензии кои се до 12.500 денари. Пензионерите поради возраста и здравствената состојба, во најголем број, директно се зависни од своите пензии, а многу често мораат и да им помагаат на своите деца и внуци. Затоа наша основна програмска заложба е да се уреди соодносот на минималната пензија со минимална плата на најмалку 70%. За ова прашање постојано правиме притисок во коалицијата, што е можно побрзо, да почне процесот за донесување Закон за минималната пензија, како што имаме Закон за минимална плата и со тоа, законски да се уреди минималната пензија да биде 70% од минималната плата, а просечната пензија да биде 60% од просечната плата. Во таа смисла Владата треба да врши повремено нивелирање на пензиите за да не се нарушува тој сооднос.

Понатаму Партијата на пензионери се залага за:

–       Зголемување на лимитот за ослободување на пензионерите од партиципација за болничко лекување на 20.000 денари, а со тек на времето целосно ослободување, како што беше порано,

–       Министерството за здравство конечно да почне со изработка на нова Листа на лекови на товар на Фондот за здравствено осигурување. Постоечката е од пред 15 години и тоа е светски рекорд.

–       Субвенционирање на лечење на пензионерите во приватни болници кога е тоа изнудено од виша сила (епидемии, немање капацитети во државното здравство)

–       Поширок опфат на пензионерите и другите маргинализирани групи во бесплатната вакцинација на сезонски болести,

–       Да се спречи дискриминацијата на пензионерите од страна на банките за давање на кредити, намалување на сè побројни провизии за сè и сешто,

–       Да се спречи дискриминацијата на пензионерите од страна на осигурителните компании при осигурување на постари лица. Посебно да се укине повисокото должничко осигурување од автоодговорност кое се спроведува кон луѓето постари од 65 години, бидејќи тоа го нема кај соседните земји, а во многу земји премиите за постари лица се преполуваат.

–       Субвенции за сместување во пензионерските домови и контрола на спроведувањето на критериумите за сместување во нив и

–       Конечно, но не помалку важно, Партијата на пензионери е подготвена на изработи нов Предлог за измени и дополнувања на Законот за бранители и да побара поддршка од другите парламентарни партии и конечно да се исправи неправдата што им е нанесена на една група бранители.

Вие сте помал коалиционен партнер во владејачката коалиција. Колку големите коалициите имаат слух и простор да ги вметнат идеите на помалите партнери?

Имам чувство дека во рамки на коалицијата, особено од страна на Премиерот, иако сме помал партнер со разбирање се примаат нашите предлози и иницијативи и во тој поглед не забележувам отсуство на „слух“ и волја, но имајќи ги на ум сите други општествени приоритети тешко се наоѓа „простор“ да се вметнат и брзо да се реализираат и сите наши идеи. Но, во интерес на вистината некои наши предлози беа прифатени и донесени соодветни решенија, за кои порано се мислеше дека тоа е утопија. Би спомнал само неколку, како на пример:

–       Продолжување на рокот и старосната граница за продолжување на возачките дозволи од 65-годишна возраст на 75 старосна граница со можност на продолжување на секои 5 години. Порано се продолжуваа на 3 години.

–       Исправање на неправдите кон една група на дискриминирани припадници на безбедносните служби (Армија и Полиција) кои заминале под исти услови во пензија, а имале големи разлики во пензиите. Овде треба да поработиме за уште 2-3 мали групи кои се појавија подоцна.

–       Социјална државна пензија итн.

–       Се подобрија социјалните сервиси за заштита и помош на пензионерите

Годинава одбележувате јубилеј од основањето на партијата? Дали од денешен аспект сте задоволни од постигнатото, и од она што го имавте за цел кога ја формиравте партијата?

Годинава одбележуваме 10 години од основање на Партија на пензионери. Јубилеите секогаш, освен повод за прослави, се и поттик да се направи анализа на работењето и да се сумираат остварените цели и потфрлањата.

Како лидер на Партија на пензионери сметам дека ги остваривме базичните цели.

Прво успеавме самостојно, без ничија помош и со волонтерско работење да ја развиеме Партијата на територијата на цела земја. Во речиси сите поголеми општини имаме своја партиска структура. Во Партијата ни се приклучија и сега се истакнати активисти граѓани кои не се пензионери. Партијата  станува препознатлив политички чинител, кој освен пензиски политики промовира и политики од пошироко општествено значење и интерес, секогаш залагајќи се за предлагање и прифаќање компромиси при остварување на целите.

Ние сме прва политичка партија во земјата која во својата Програма 2020-2030 промовира потреба од консензуално донесување „Долгорочна државна стратегија за развој на земјата“ со јасно дефинирани државни и национални приоритети, кои нема да зависат од промени на политичките гарнитури на власт.

Што се однесува до пензионерите, свесни сме дека свеската економска, финансиска и здравствена криза најповеќе ги погоди пензионерите особено оние што имаат пензии под просечната пензија. Токму затоа, Партијата на пензионери предлага мерки и преземa активности оваа состојба да се ублажи. Но, во интерес на вистината просечната пензија во нашата земја е иста или слична со другите земји во регионот, освен во Грција, Словенија и Хрватска кои се земји на ЕУ.

Со мартовското усогласување, пензиите се покачија за околу 8%, но сè уште голем дел од пензионерите немаат примања ни 200 евра. Вака како што се моментов работите, со просечна пензија со околу 15.000, можат ли македонските пензионери да имаат квалитетен живот?

Претходната година имавме две усогласувања и тоа во март и септември во вкупен износ од околу 9%, а сите пензионери 3 месеци (јули, август, септември) добиваа по 1.000 денари како додаток на пензиите. Потоа уште 4 месеци пензионерите со пензии со износ до 11.525 денари добиваа по 1.500 денари, а оние со износ од 11.526 до 14.000 денари по 750 денари месечно.

По последното усогласување на пензиите со кое тие се зголемија за 8,4% просечната пензија изнесува околу 19.000 денари, минималната пензија 12.500 денари, а некои пензии (семејните и земјоделските) се и со помал износ.

Со ова за првпат се случи просечната пензија да е помала од минималната плата (20.175 денари).

Тоа за Партијата на пензионери е неприфатливо, бидејќи ваквите пензии не можат и не овозможуваат услови за квалитетен живот на нивните приматели.

Затоа Партија на пензионери сега, со цел надминување на настанатата состојба, фокусот на своето политичко делување го става на изнаоѓањето на реално остварливо решение за износот на минималните пензии и сите,, пензии со износ до просечна пензија. За остварување на оваа цел Партијата настапува со конкретни предлози и решенија.

Сиромашно ли е пензионерското население во Македонија?

Населението во РС Македонија, за жал, во најголем дел живее тешко, поради реално нискиот економски развој и моќ на земјата и ниските плати.

Во рамки на ваквата проценка се и пензионерите со назнака дека тука состојбите се уште позагрижувачки. Веќе кажав дека пензионерите во основа зависат од своите пензии и речиси да се немоќни самостојно да ја подобрат својата економска положба.

Околу 91.000 пензионери примаат пензија до 13.200 денари, а од 13.201 до 17.300 денари уште околу 86.000 пензионери, што е вкупно околу 177.000 пензионери. Овие загрижувачки бројки, сами по себе, укажуваат колку се сиромашни нашите пензионери.

Парламентарните партии  на една година пред парламентарните избори повторно разговараат за промена на изборниот модел. Кој е вашиот став, добро ли е Македонија да стане една изборна единица?

Партијата на пензионери во својата Програма има ставено дека се залага за  една изборна единица и таков предлог ќе подржи во Парламентот доколку се постигне партиски консензус. Но, анализите покажуваат дека и тој модел има одредени слабости и недостатоци.

Оправдани ли се, според вас, барањата што ги има Бугарија од нас? Дали договорот што го потпишавме навистина е добрососедски?

За Партијата на пензионери, барањата што Бугарија ги има кон нас се неоправдани и таа е страната која што не го почитува Договорот за добрососедство  вршејќи прекршувања на истиот особено на членот 2 од Договорот.

Партијата на пензионери по оваа прашање повеќе пати се има јавно произнесено.

Конечно, парламентарна пракса покажа дека Партијата на пензионери како единствен и легитимен претставник на пензионерите во Парламентот го оправда своето постоење и пензионерите треба да знаат дека само, до колку имаат свои претставници во Парламентот полесно ќе ги решаваат своите проблеми. Токму затоа ги повикувам пензионерите, да ја препознаат ваквата можност и помасовно и слободно да пристапуваат во Партијата. Така ќе имаме повеќе пратеници во Парламентот, што пак директно ќе овозможи да се зголеми влијанието на пензионерите при креирање и носење на одлуките, бидејќи проблемите треба да се решаваат во Парламентот, во дијалог и со меѓусебна доверба и уважување.

Прикажи повеќе

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Skip to content