Интервју

ИНТЕРВЈУ Илија Николовски: Очекуваме вонредна финансиска помош и поголема здравствена грижа

Македонија е на врвот во Европа по издвојување средства од свој џеб за лекување, а тука се најпогодени пензионерите поради ниските пензии, оценува Николовски.

Законски измени за да се обезбеди поголем раст на пензиите, вонредна финансиска помош, зголемување на лимитот за ослободување на пензионерите од партиципација за болничко лекување, субвенции во домови за стари лица, се само дел од барањата, но и од преговорите со Владата што ги води Партијата на пензионери. Нејзиниот лидер Илија Николовски е оптимист дека Владата ќе има слух и дека во наредниот период ќе бидеме сведоци на поголема грижа кон пензионерите и подобрување на нивниот материјален статус.

Повеќе од половина пензионери имаат пензија помала од 14.000 денари. Партијата на пензионери најави дека ќе бара измени на закон, со кои ќе се овозможи зголемување на пензиите. До каде е тој процес и дали Вие лично сте оптимист дека ќе се подобри состојбата на пензионерите?

– Имајќи ги предвид здравствената и енергетската криза со кои се соочува земјата, Партијата на пензионери очекува да се изнајдат реално остварливи законски решенија за подобрување на материјално-социјалниот статус на пензионерите и сите маргинализирани општествени групи и тоа во што е можно покус рок, како и подобрување на нивната положба во доменот на здравствените услуги, со фокус на припадниците на најранливата група пензионери, кои имаат пензии под износот на просечната пензија.

Поради брзиот раст на минималната и просечната плата, односот на просечна плата и просечна пензија како и односот меѓу минимална пензија и минимална плата во моментов е нарушен. Токму затоа Партијата на пензионери има подготвено Предлог за изменување и дополнување на Законот за ПИОМ во две варијанти, кои би сакале да ги усогласиме со Владата и што е можно побрзо да извршиме измени и дополнувања на постојниот Закон и пензионерите уште со јануарските пензии да добијат пристојно зголемување. Исто така, очекуваме вонредна финансиска помош, како што е во другите земји во соседството.

Но, дали притоа ја земате предвид состојбата на Фондот за пензиско осигурување? Сметате ли дека тој може да издржи зголемување на пензиите?

– За ова наше очекување постојат реални услови, бидејќи податоците го покажуваат тоа. Пензиите редовно се исплаќаат дури и пред време, а трансферот од централниот буџет кон Фондот се намалува во континуитет, па така во 2021 година тој изнесувал 37,3 проценти од вкупните приходи на Фондот.

Ја споменавте здравствената заштита и дека таа е тешко достапна до најранливите пензионери. Како партиципиент во оваа влада, што ќе направите?

– Ветено ни е дека ќе се зголеми лимитот за ослободување на пензионерите од партиципација за болничко лекување на 18.000 денари. Следен чекор би требало да биде тотално ослободување на пензионерите од партиципација во здравството, како што било порано. Македонија е на врвот во Европа по издвојување средства од свој џеб за лекување, а тука се најпогодени пензионерите поради ниските пензии. Работиме и на тоа да има субвенционирање на лекување пензионери во приватни болници кога тоа е изнудено од виша сила (епидемии, немање на капацитети во државно здравство); проширување на правата во стоматолошка заштита за која пензионерите издвојуваат доста средства и инсистираме Министерството за здравство конечно да почне со изработка на нова листа на лекови на товар на Фондот, постојната е од пред 15 години и тоа е светски рекорд. Се залагаме и да има поширок опфат на пензионери во бесплатната вакцинација на сезонски болести како грип, па во иднина можеби и за други болести.

Сметате ли дека во Македонија постои дискриминација по возраст?

–  Да, и тоа во повеќе сегменти. Како партија очекуваме да се спречи дискриминацијата на пензионерите од банките за давање кредити и намалување на сѐ побројни провизии за сѐ и сешто. Исто така, гледам дискриминацијата на пензионерите од осигурителните компании при осигурување постари лица. Посебно, бараме да се укине повисокото должничко осигурување од автоодговорност кое се спроведува кон луѓето постари од 65 години, бидејќи тоа го нема кај соседните земји, а во многу земји премиите за постари возачи се преполовуваат.

Многу граѓани се соочуваат со проблемот за сместување на старите лица во домови, доколку е тоа неопходно. Домовите се скапи, државните капацитети мали…

– Дефинитивно тоа е проблем. Очекуваме да најдеме разбирање во Владата и на оваа тема. Бараме субвенции за сместување во пензионерските домови и контрола на спроведување на критериумите за сместување во нив. Исто така, инсистираме локалната самоуправа да изработи социјални карти и да се планираат системски мерки за продолжена нега на изнемоштени стари лица.

Прикажи повеќе

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Skip to content