СТАВ на ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ

ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ со години наназад се залага за донесување на Закон за минимална пензија со кој треба да им се обезбеди материјална сигурност на примателите на овие пензии, без да се загрози долгорочната стабилност и одржливост на ФПИОМ. Поради тоа предлогот пензиите да се усогласуваат линеарно го сметаме за дискриминирачки кон поголем број на пензионери и закана за нарушување на пензискиот систем, кој се надоградува повеќе од 80 години.
Имено, поаѓајќи од реално скромните износи на пензии на голем број корисници, и потребата да им се помогне, ПП се залага за донесување на Закон за минимална пензија, со кој ќе се уреди минималната пензија да изнесува најмалку 70% од минималната плата, а просечната пензија до 60% од просечната плата. Паралелно, како дополнителна мерка, предлагаме од Буџетот на државата, од средствата наменети за социјална подршка, да се издвојуваат средства за доделување посебен, поединечен, паричен додаток на корисниците на пензии кои не остваруваат други приходи освен пензијата.
Овој наш предлог овозможува да се исклучи потребата од менување на постојниот член од Законот за ПИО, со кој е уреден начинот на усогласување на пензиите, како и заштита на веќе стекнатите права на пензионерите. Истиот овозможува да не бидат оштетени корисници на пензија кои 40 и повеќе години ги плаќале редовно придонесите и данокот од плата, заради што добивале помала нето плата. Исто така спречува да се фаворизираат оние кои манипулирале со основицата за пресметка на придонеси за пензија и должината на стажот, како и кои придонеле за зголемување на обемот на сивата економија во земјата, а со цел лично богатење за сметка и на грбот на работниците.
Уште еднаш потенцираме дека пензијата е доход кој се остварува врз основа на износ на уплатени придонеси за ПИО и должина на стаж. Исто така истакнуваме дека законодавецот во методологијата за пресметка на првиот износ на пензија предвидел принцип на генерациска солидарност, врз основа на кој утврдениот износ, ако е помал од износот на минимална пензија, по сила на закон се усогласува до тој износ, како и дека со Законот за ПИО не се врши зголемување туку усогласување на пензиите сразмерно со порастот на трошоците на живот и порастот на платите.