Соопштенија

ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ: ОТВОРЕНО ПИСМО – ДЕМАНТ

 

ОТВОРЕНО ПИСМО – ДЕМАНТ на неточните, неаргументирани и злонамерни клевети и тврдења против Партија на пензионери искажани од Станка Трајкова, Претседател на СЗПМ, во интервју во СТУДИО 10  на Телевизија 24

ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ (ПП), со индигнација ги отфрла и најостро ги осудува непромислените, паушалните и неточните тврдења и клеветења на ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ од страна на Станка Трајкова кои во својство на Претседател на СЗПМ ги искажа во нејзиното интервју во емисијата СТУДИО 10 (07.07.2023 год.).

Овој демант, како израз на осуда, на обидот за дискредитација на ПП е насочен исклучиво и само кон Станка Трајкова, Претседателка на СЗПМ, која со последниот нејзин „избор“ во СЗПМ „де факто“ стана експонент на „вечните“ кои за своите „функции“ се „дебело“ платени токму од членарината на пензионерите, поради следните невистини и обиди за подметнување:

  • лажно, злонамерно и непоткрепено е нејзиното тврдење „Сето тоа може на друг да му кажува, тоа беше подготвено и напишано од ПП“, а кое се однесува на демантот на ПП за поврзаност на партијата со организирање на протестите на групи пензионери пред СЗПМ.
  • лажно е нејзиното тврдење дека членови на Партија на пензионери сакале да се инфилтрираат во раководствата на ЗП и СЗПМ, од причина што, согласно со одредбите од Статутите на СЗПМ и здруженијата, само член на здружение и под услов да плаќа членарина има право да учествува во изборниот процес и да биде кандидат за избор во некој орган.

Всушност нејзиното тврдење, дека спречиле инфилтрирање на членови на ПП во органите на здруженијата и СЗПМ, укажува на можност дека постоеле одредени поединци и групи, кои пред и во текот на изборите преземале активности таргетирани членови на здруженијата да бидат спречени да учествуваат во изборите, што само ги засилува и поткрепува сомневањата дека изборите во некои здруженија на пензионери, а со тоа и во СЗПМ биле „наместени“.

  • лажно е, апсурдно и дрско тврдењето дека Партија на пензионери сакала да „дојде до членарината која ја добиваат Здруженијата и Сојузот“, поради фактот дека членарината ја прибира ФПИОСМ и ја уплаќа на посебна потсметка со назнака „Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисници на пензија“ и никако не можат да бидат уплатени на сметка на било која политичка партија.
  • лажни се и со ништо не се поткрепени нејзините клевети дека Партија на пензионери се мешала во работата на здруженијата и СЗПМ.

Бесмисленоста и нелогичноста на оправдувањата, кои во интервјуто ги искажа Претседателката на СЗПМ, во врска со наводната регуларност на изборите најдобро можат да се согледаат во следната нејзина изјава: „Сите органи на СЗПМ се избрани од поширока делегатска база и тоа едногласно. Немаше делегат кој беше против или воздржан“.

Ваквиот апсурден аргумент, сам по себе асоцира дека овие избори се по „теркот“ на изборите од некои други времиња, кои сигурно не се за пофалба.

Всушност тоа беше обид да се избегне  да се каже по кој пат по ред е избрана на функција во СЗПМ за која прима „дебел“ месечен надомест, како и дали и за кои други „ангажмани“ прима надоместоци.

Претседателката на СЗПМ, која веќе станува „незаменлива“, не ги удостои пензионерите со информација колкав е износот на средства од 1.800.000,оо Евра годишно, кои се прибираат само од членарина на пензионерите, кој им се исплаќа како надомест за обавување на функција на избраните лица во здруженијата и СЗПМ. Исто така не ја запозна јавноста, на пример, колкави се трошоците за плати на вработените лица во здруженијата и СЗПМ, трошоците за уредување и издавање на весникот Пензионер плус, за користење на службено возило, дали воопшто постојат и колку од избраните лица работат волонтерски.

За разлика од ова истата се пофали дека таа која е „олицетворение на транспареност и одговорност“ секогаш му „давала“ слобода на Надзорниот одбор на СЗПМ да врши контрола и надзор, како тоа да е нејзина волја, а не обврска и право на Надзорниот одбор согласно со Статутот.

 Претседателката, која се пофали дека раководи со непартиска и мултиетничка организација, повторно „пропушти прилика“ да каже зошто и после изминување на целиот претходен нејзин мандат не поведе иницијатива и не го раскина Меморандумот за соработка со политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, кој во име на СЗПМ го потпиша нејзиниот претходник.

Исто така не „искористи“  можност да се пофали дека спречила инфилтрација на  истакнати членови и активисти на водечките политички партии во земјата во највисоките органи на СЗПМ и ЗП, наспрам здушното и јавно залагање за „селективна забрана“ за членување во органите на ЗП и СЗПМ само на членови на ПП, веројатно поради нејзиниот „изразит демократски капацитет“ и партиска неприпадност.

Всушност Претседателката на СЗПМ, со своите манипулации и со неосновано клеветење на ПП продолжува со настојувањето, јавно искажаното незадоволство, од неколку групи на пензионери, од начинот на организирање и спроведивање на изборниот процес за раководства во некои здруженија и СЗПМ, лажно да го претстави како „обид за растурање на Солидарниот фонд“.

Веќе станува очигледно дека вистинска цел е да се оттргне вниманието од тоа како се организирани и спроведени изборите во здруженијата и СЗПМ, како и за што се трошат средствата од членарина, како е постигнато да се спречи избор на според неа „неподобните“ пензионери во органите на ЗП и СЗПМ и со тоа да продолжи установената пракса на неограничено ангажирање на еден определен број на „подобни“ членови во пензионерските здруженија и трошење на средтсвата од членарината по нивен „терк“.

ПП како партија која се придржува до принципите на демократско делување, не може и не смее да толерира активности насочени против делување на граѓанските организации, а најмалку против организации на пензионерите. Од истите причини ПП нема намера и не може да сугерира или оневозможува било чии иницијативи кои имаат за цел да ги разобличат можните сомнителни и незаконски постапки, туку спротивно има обврска да помогне индициите и сомневањата да се разјаснат и вистината да излезе на виделина. Поради тоа ПП им дава и ќе им дава подршка во иднина на сите кои иницираат позитивни промени во начинот на пензионерското организирање, како и кога аргументирано ќе бараат од надлежните државни органи да утврдат повреди на законите и коруптивно однесување, со цел да се утврди конкретна и лична одговорност на секој поединец.

Во Скопје, 10.07.2023 година                                               ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ                            

Прикажи повеќе

Поврзани вести

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Skip to content