ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ

Илија Николовски

Роден е на 06 јули 1948 година во село Панчарево, Пехчево, Р.С. Македонија, од мајка Петра и татко Димитар. Оженет е со сопругата Снежана и татко е на две деца, ќерка и син.

По завршувањето на основното образование во родното место, продолжил да се образува во гимназијата во Делчево и истата ја завршил во 1967 година, по што продолжил на Воената академија на Копнената војска на ЈНА во Белград (1967-1969) и Сараево (1969-1971), насока „пешадија“. Командно-штабна академија завршил во 1982 година во Белград, а Одбранбен колеџ на НАТО завршил во Рим, Италија, во 1997 година.

Својата кариера ја започнал како офицер на ЈНА во чин пешадиски потпоручник во 1971 година. Во чин поручник е унапреден во 1974 година, а во чин капетан во 1976 година (вонредно). Во чин 1. класа е унапреден во 1979 година, а во 1983 година во чин мајор. Во 1987 година е унапреден во чин полковник, во 1993 година во чин полковник, во чин бригаден генерал во 1997 година и во чин генерал-мајор е унапреден во 2003 година.

Во својата кариера службувал во неколку различни гарнизони во ЈНА, во Битола (1971-1974), на два пати Куманово (1974-1977 и 1982-1989), како и гарнизон Белград, исто така во два периоди (1980-1982 и 1989-1990), а по формирањето на АРМ, службата ја продолжил во македонските гарнизони: Тетово (1992-1993), Скопје (1993-1999), Битола (1999-2002) и одново во Скопје во 2005 година кога и се пензионирал. Исто така, дел од службата ја поминал и во странство, во Атина – Р. Грција (1977-1980), Софија – Р. Бугарија (1990-1992) и Брисел – Белгија (2002-2004). Во текот на службата извршувал повеќе значајни должности:

– Командир на извидувачки вод (1971-1973);
– Командир на извидувачка чета (1974-1977);
– Референт во Втора управа на Генералштабот на ЈНА во 1977 година;
– Секретар на воено претставништво на СФРЈ при амбасадата во Атина, Р. Грција (1977-1980);
– Командант на моторизиран баталјон во пешадиска бригада (1982-1985);
– Помошник на началникот на штаб за оперативно-наставни работи во пешадиска бригада (1985-1989);
– Началник на штаб во 592. Пешадиска бригада (1989);
– Референт во Втора управа на Генералштабот на ЈНА (1989-1990);
– Воен пратеник на вооружените сили на СФРЈ при Амбасадата на Софија, Р. Бугарија (1990-1992);
– Командант на 15. Пешадиска бригада (1992-1993);
– Началник на одделението за меѓународна соработка во МО на Р.С. Македонија (1993-1995);
– Директор во Управата за меѓународна соработка при Министерството за одбрана на Р.С. Македонија (1995-1998);
– Началник на штаб во 2. Армиски корпус (1998-1999);
– Командант на 2. Армиски корпус (1000-2002);
– Воен претставник на Р.С: Македонија во Воениот комитет на НАТО во Брисел, Белгија, истовремено и аташе на одбраната за Белгија, Холандија и Луксембург (2002-2004);
– Советник на министерот за одбрана за одбранбена и безбедносна политика (2005).

Низ својата долгогодишна служба добивалбројни пофалби, награди и други признанија, што биле потврда за неговите заложби во афирмацијата на армијата како столб на одбраната на државата и неговата професионална активност како висок армиски офицер, а меѓуостанатото е одликуван и со Медал за воени заслуги, Орден за воени заслуги со сребрени мечеви и Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда.

Учествувал во многубројни научни собири и стручни проекти, а како дел од своето стручно усовршување и наобразба, успешно завршил и низа курсеви и семинари во земјата и во странство, а меѓу позначајните се: разузнавачко-диверзантски курс (1971), курс з АБХО, за началници на штабови (1987), курс за планирање воени состојби и ЦВС во СР. Германија (2003), курс за генерали и адмирали на НАТО колеџот во Рим, Италија (2004) и курсеви за странски јазици во школата за јазици на ЈНА (1972/73 и 1977) и во Англија (1995).

Автор е на стучно-специјалистичките трудови, „Армија во одбрана во вонредни услови“, труд кој го одбранил на Командно-штабната академија и „Одбранбената архитектура на Европа“, труд-испит за генералски чин.

Како претставник на Министерството за одбрана на Р.С. Македонија учествувал на низа состаноци и конференции за проширување на НАТО, а повеќепати бил и преводник на македонски делегации во преговори за формирање на мултинационална мировна бригада. Исто така, партиципирал во изработката на сите фундаментални документи за пристапувањето на Р.С: Македонија во програмата „Партнерство за мир“.

Носител е на повеќе проекти значајни за развојот и унапредувањето на АРМ, меѓу кои, Концептот на одбранбена дипломатија, Организираниот криминал и корупцијата како сериозна закана за загрозување на безбедноста во Македонија, Безбедноста во регионот и нејзиното влијание врз безбедноста во Македонија.

Пензиониран е во 2005 година и по пензионирањето активно се вклучил во невладиниот сектор и политичкиот живот во Р.С. Македонија, извршувајќи повеќе должности, меѓу кои: Претседател на Здружението на ветерани-резервисти од одбраната и безбедноста на Р.С. Македонија, а во 2015 година е избран и за почесен претседател на ова здружение, Претседател на Здружанието на дипломирани студенти на НАТО колеџот во Рим, Претседатл на партијата „Обединети пензионирани граѓани на Македонија“, член на Меѓународниот консултативен комитет на ветераните и резервните офицери и почесен член на „Сојузот на офицери и сарженти од запаса и резерва“ на Р. Бугарија. Од декември 2016 година е избран за народен пратеник во Собранието на Р.С. Македонија.

Back to top button
Skip to content