Проект „Безбеден град“ и безбедност во патниот сообраќај

Партијата на пензионери, го поздравува проектот „Безбеден град“ кој во целина допринесе за подобрување на сообраќајот и воедно до поефикасно и побрзо санкционирање на сообраќајните прекршоци во земјата.
Во исто време, како последица на истиот, дојде до забавување на протокот на возила во сообраќајот и “згушување” на градските сообраќајници.
Партијата на пензионери, предлага во целата држава, а посебно во градот Скопје, сообраќајот подобро да се изрегулира, со соодветна вертикална, хоризонтална и светлосна сигнализација, кружни текови, денивелирање на крстосници, мостови и спојници помеѓу општини (населби), брзината да биде регулирана во однос на категоријата на улиците и булеварите а во сите школски зони да биде ограничена на 30 км/ч, и сите многу други сообраќајни регулации и паралелно да се продолжи со контрола на почитувањето на прописите и соодветно санкционирање на прекршителите на истите.
ПП истовремено укажува и на евидентниот проблем што голем број на возачите, се „лоши“ возачи што допринесува за создавање на впечаток на стихијност и хаос во сообраќајот.
Предлагаме и во потполност ја подржуваме секоја иницијатива на сите соодветни институции и фактори, за создавање на позитивна сообраќајна култура од почетно рамниште од дома и градинка, преку авто-школите, до секојдневната едукација на сите учесници во сообраќајот.
Предлагаме на градската администрација во градот Скопје (но и во сите поголеми градови во земјата) да започне проект за изградба на голем полигон (автодром) за обука и полагање на возачки испит, и обуката да се изведува стрктно на истите и надвор од градовите а обучените возачи да пристапат на градско возење, со што би се допринело за подобрување на квалитетот на идните возачи, а воедно би се намалило директното влијание кое го имаат авто-школите во секојдневниот оптеретен сообраќај во градот, со сегашниот начин на нивното работење.
Исто така апелираме да Јавниот градски превоз (ЈСП и Приватните превозници), се прилагоди према големината на градот и потребите на граѓаните, со што би се смалило користењето на автомобили. Апелираме да ЈСП биде материјално и организациски подобро екипирано, посебно во сегментот одржување и долгорочното планирање на истиот.
Партијата на пензионери, предлага изработка на нова Научна студија, со детално согледување на целата територија на Македонија, посебно Скопската котлина и врз база на реалната состојба, со користење на сите позитивни светски искуства, кои би биле реално апликативни за нашата земја и врз основа на тоа соодветно да се обновува и подесува “Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата”.
Партијата на пензионери, како сериозен политички субјект во земјата, има реална воља, знаење и експертиза која ја нуди на сите политички и институционални фактори за реално и константно подобрување во сите сегменти на сообраќајот во земјата.
Чесно, сплотено и одлучно!
Партија на Пензионери



