ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ: АПЕЛ ДО ВЛАДАТА И СОБРАНИЕТО

АПЕЛ ДО ВЛАДАТА И СОБРАНИЕТО
Партијата на пензионери, како одговорен политички субјект на луѓе, со големи акумулирани знаењa и искуство, на својот последен состанок на Извршниот одбор, покрај другото, ги донесе и следните заклучоци:
– После големата национална трагедија во Кочани, Партијата на пензионери бара од Владата одлучно да се справи со корупцијата и организираниот криминал во општеството, и тоа на сите рамништа.
– Во потполност ја поддржуваме енергичната акција на органите на власта и воедно ги охрабруваме да спроведат целосна, независна, експертска и транспарентна истрага, за големата трагедија што ја задеси нашата земја.
– Доколку постојат нови докази и има најмали правни можности, повторно да се отворат истрагите за: Дурмо Турс, Беса Транс, модуларната болница во Тетово, како и сите други случаи кои оставија дилеми и незадоволство во македонската јавност за начинот како истите беа водени и третирани, а најмногу од нивните завршни пресуди.
– Исто така бараме да се спроведе детална, реална и независна
проверка на имотот на сите функционери и инспектори, а се со цел на откривање на судир на интереси или коруптивни врски со субјектите кои се предмет на кривични и прекршочни истраги.
– Воедно уште еднаш бараме да Собранието донесе Закон за потекло на имотот на сите поранешни и сегашни функционери на сите рамништа.
– Ги охрабруваме пратениците во националното Собрание, да ги согледаат Упатствата за начинот и постапката за повторно полагање на предмети по завршувањето на студии и издавање на уверение и диплома а врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование, бидејќи праксата покажува дека начинот на спроведување на истите имаат далекосежни последици во идното функционирање на сите државни институции во сите сегменти.
– Партијата на пензионери ја поздравува средбата на Претседателите на најголемите парламентарни владејачки и опозициски партии Христијан Мицкоски и Венко Филипче, како ретко позитивен настан во политичката пракса и токму затоа изразуваме потполна подготвеност, да во случај на формирање на работни групи за реформи во судството и во сите други области да партиципираме со свои експерти, со оглед дека Партијата на пензионери има членови со големо знаење и искуство во сите области на општественото живеење.
– Ја подржуваме Владата и Собранието, за што поскоро донесување на Законот за работно ангажирање на пензионерите и студентите.
– Исто така повторно иницираме да се донесе Закон за минимална пензија, со кој би се решиле многу егзистенцијални проблеми на големиот број на пензионери со најниските пензии.
Чесно, Сплотено, Одлучно !!!
Партија на пензионери