Партија на пензионери: Апел до раководствата на здруженијата на пензионери
ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ апелира раководствата на: Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ); Сојузите на инвалидски и трудови пензионери и Здруженијата на пензионери (ЗП), со искажување на високо ниво на солидарност, личен пример и самооткажување, од месечните надоместоци кои ги примаат за обавување на функциите, да придонесат во побрзо и полесно надминување на состојбите поврзани со епидемијата со корона вирусот KOVID-19.
Поаѓајќи од фактот дека, во моментов, во земјата не постои поважен интерес од справување со епидемијата со KOVID-19 и дека, несомнено, тоа силно ќе ја оптовари нејзината финансиска состојба, ПП апелира, како акт на солидарност, висока свест и одговорност, сите членови на раководства и платени извршители во Сојузите и Здруженијата на пензионери, во периодот додека трае кризата да се откажат од своите месечни надоместоци кои ги примаат од прибраната членарина од пензионерите. Апелираме здруженијата да донесат одлуки нивните вработени да примаат плати, во износ, соодветен на одлуките на Владата за плати на вработените во државната и јавна администрација, а сите заштедени парични средства по овие основи да ги уплатат на сметка на „Фондот“ за надминување на последиците од епидемијата.
Покрај наведеното, имајќи во предвид дека пензионерите и повозрасните се најзагрозени од епидемијата, апелираме Сојузите и Здруженијата, кои на своите сметки имаат депозити во износи поголеми од 3.200.000,оо денари, да донесат одлуки и да уплатат ½ (една половина), од износот на парични средства на своите сметки, над 3.200.000,оо денари на сметка на „Фондот“ за надминување на последиците од епидемијата, како интервентна мерка за солидарно помагање во надминување на состојбите, со првенствена намена за обезбедување на средства за заштита (маски, ракавици, дез. средства и сл.).
ПП, уште еднаш, апелира сите стриктно да се придржуваме на пропишаните мерки од државата за карантин, изолација, самозаштита и заштита на другите, зашто само така ќе се помогне во намалување на ширење на епидемијата, последиците од неа и побрзо надминување на состојбата.
Во Скопје, 23.03.2020 година ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ