СТАВ НА ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ, во односот на општеството кон критичната инфраструктура
СТАВ НА ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ, во односот на општеството кон критичната инфраструктура како прашање на национална безбедност и загрозување на животот на граѓаните

СТАВ НА ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ, во односот на општеството кон критичната инфраструктура како прашање на национална безбедност и загрозување на животот на граѓаните
Партијата на пензионери (ПП) изразува длабока загриженост и револт од системската негрижа за одржувањето на критичната инфраструктура во државата.
Леснотијата со која изминативе 35 години се прифаќаат катастрофите — од трагедијата во Кочани, скандалот со труењето и загадената вода во Гостивар, па сè до последиците од невремето во Скопје — покажува срамно отсуство на морална, функционална, политичка и кривична одговорност.
Ваквиот однос директно ги загрозува животот, здравјето на луѓето и животната средина. Како партија која ги застапува интересите на една од најранливите категории граѓани, ПП ги отвора следните клучни прашања и алармира:
Целосна запуштеност на критичната инфраструктура: Сообраќајниците, електроенергетскиот систем, изворите на вода, телекомуникациите и капацитетите за производство на храна се оставени со ниско ниво на физичко и техничко обезбедување.
– Пропусти во безбедносниот систем:
Препуштањето на обезбедувањето на виталните државни објекти на приватни агенции го наруши националниот систем за безбедност. До ваквите објекти од витално значење за општество, пристапот мора да биде строго контролиран и менаџиран со посебни безбедносни процедури, од страна на сите релевантни безбедносни органи.
– Урбанистички хаос и дивоградби крај заштитени зони:
Недозволиво е во непосредна близина на извори како Вруток и Рашче, или Хидросистемот Маврово, да се изведуваат градежни активности. Сведоци сме на криминални објекти кои наместо веднаш да се срушат, властите низ годините ги легализираат.
– Задоцнета и бавна реакција на надлежните институции:
Реакциите за време на кризи се скандалозно спори. Во Гостивар, изворот Вруток беше блокиран со големо задоцнување, имаше опструкции при земањето мостри, додека граѓаните 22 дена користеле вода контаминирана со фекалии од нелегално поставени пумпи од Вардар. Ваквите пропусти не се само неспособност, туку и потенцијален акт на саботажа и закана по националната безбедност.
– Урбана мафија и загрозување на безбедноста на домовите:
Невремето во Скопје ги соголи последиците од дивеењето на урбаната мафија и непочитувањето на градежните стандарди. Криминализираните инспекции затвораат очи пред опасните пренамени и надградби.
Типичен пример: Отворањето на угостителскиот објект во Карпош 1, каде без согласност на станарите се поставија соодветни оптоварувања, оџаци и печки, со што се наруши статиката на зградата и се загрози нивната безбедност, додека Општинскиот градежен инспекторат целосно игнорира пријавите.
– Неодржување на јавните површини:
Масовното паѓање на дрвја во Скопје е доказ дека надлежните јавни претпријатија не делуваат превентивно и не ги отстрануваат сувите и опасни стебла навреме.
БАРАЊА И ПРЕПОРАКИ НА ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ
За итно надминување на оваа загрижувачка состојба и спречување идни катастрофи, Партијата на пензионери ги бара следните чекори:
– Целосна итна инспекција:
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) веднаш да извршат вонредни контроли врз сите водоводни мрежи и критични објекти во државата.
– Хуманитарна и институционална мобилизација:
Хуманитарната помош за погодените подрачја мора да се зголеми. Доколку е потребно, веднаш да се ангажираат Црвениот крст, стоковните резерви вклучително и ресурсите на Армијата.
– Ревизија на дозволите и легализацијата:
Собранието и Владата итно да го преиспитаат Законот за легализација на дивоградби, особено во заштитените и критичните зони, и да се поништат сите дозволи издадени во близина на изворите за вода.
– Департизација на виталните системи:
Со водните системи и сите објекти од безбедносно значење мора да раководат исклучиво стручни и проверени професионалци, а не партиски послушници.
– Конкретна одговорност за Гостивар и сите други случаи:
Бараме темелна и независна истрага. Сите виновници — без разлика на политичката припадност — мора да сносат кривична, морална и политичка одговорност.
Партијата на пензионери апелира да наместо дневно-политички препукувања меѓу партиите за тоа кој е виновен, време е лекциите конечно да се научат, вистината да се каже гласно, а институциите да почнат да работат во служба на безбедноста на граѓаните!
Чесно, Сплотено, Одлучно !!! Партија на Пензионери



