ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ: Најбрзо можно довршување на започнатиот изборен процес на веќе одложените предвремени парламентарни избори
ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ, анализирајќи ја актуелната состојба, се залага најбрзо можно да се доврши започнатиот изборен процес на веќе одложените парламентарни избори, бидејќи во дадените околности тоа е најцелисходно решение за граѓаните и државата.
По консензуалното одлагање на вонредните парламентарни избори закажани за 12.04.2020 година, предизвикано од здравствената криза со корона вирусот, во земјата настанаа политички и Уставни околности кои можат легитимно да се надминат само преку довршување на започнатиот изборен процес.
Имајќи во предвид дека здравствената криза полека стивнува, а со цел непречено и легитимно да продолжи развојот на демократијата и напредокот на државата, ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ апелира, со почитување на препораките на здравствената струка, да се определи нов најбрзо можен датум и да се доврши започнатиот изборен процес за Собрание.
ПП се залага за ваков став, бидејќи нема дилема дека само власти, со јасно дефинирани обврски и одговорности и стекнат легитимитет на демократски избори, можат успешно да го остварат општиот јавен интерес, да ја водат земјата и да ја извлечат од кризата, во која е зафатена заедно со целиот свет. Поинаквите однесувања или ставови за ова прашање, во постојните услови, многу веројатно не се мотивирани од објективни проценки за доброто на граѓаните, туку од субјективни интереси и мотиви за остварување на поединечни или лични цели, поради што според ПП истите се калкулантски, ретроградни и штетни.
Во Скопје, 04.05.2020 година ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ