ПРОГРАМА НА ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ
Партијата на пензионери делува веќе 7 години и време е да понуди одговори и нови решенија за најважните прашања за опстојување и развитокот на нашето општество и држава во 21 век.
Програмата на ПП, како партиско идеолошка стратегија, промовира реформи и мерки за градење на фундаментален и долгорочно успешен државен систем кој, преку сеопфатни реформи во период 2020 – 2030 година, овозможува РС Македонија да се доизгради, модернизира и зацврсти како демократска, слободна, современа, правна, праведна, ефикасна, економски просперитетна, социјално избалансирана, солидарна, функционална, стабилна и интегрирана европска држава.
ДЕМОКРАТСКА – ПРОСПЕРИТЕТНА – СОЦИЈАЛНА – ПРАВНА СТАБИЛНА Р С МАКЕДОНИЈА
Во средиште на Програмата на ПП се луѓето (граѓаните), особено пензионерите и младите на кои, со чесно, одлучно и доследно дејствување на политичката сцена, им обезбедуваме гаранции за политичките, економските и социјални права, без разлика на полот, образованието, професијата, имотната состојба, националната, верската или било која друга припадност или обележје.
Фундаментална заложба на Партијата се развој на демократска држава и општество на сите граѓани кои живеат во неа, држава во која човекот е на прво место, а неговите слободи и човекови права се неотуѓиви темелни вредности, како и држава во која се негуваат и подржуваат традиционалните семејни врдности.
Луѓето, како најголем државен ресурс, со своето знаење, креативност, иновативност и труд, се локомотивата на прогресот и непроценливо општествено богатство.
Основна задача во делувањето на партијата во програмскиот период е создавање услови за функционално организирање на општествено-политичкиот и економски систем и правната држава, без доминација на парцијалните партиски интереси. Институциите да обезбедуваат силна демократска, економски напредна, стабилна и ефикасна држава на задоволни и лојални граѓани, како и да гарантираат независност и уставна одговорност на законодавна, извршна и судска власт.
На тој пат, според нас, најважно е со консензус на релевантните општествени, политички, научни и државни чинители, најдоцна до јуни 2021 година, да се донесе ДОЛГОРОЧНА ДРЖАВНА СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ЗЕМЈАТА.
Долгорочна државна стратегија за развој на земјата е неопходна поради потребата конечно да се дефинираат и утврдат најважните прашања за граѓаните и правците за реформирање, развој и прогрес на државата. Политички партиите, во тој случај, својот натпревар за освојување на власт ќе го темелат на мерките преку кои планираат да ги остварат заеднички утврдените општи цели за развој на земјата.
Долгорочната државна стратегија за развој на земјата, покрај другото, според ПП треба да содржи:
- национална стратегија за одржлив економски развој со мерки на државата за динамизирање на процесот за реиндустрјализација на земјата, дефинирање на приоритети во индустријата и стимулации за пораст и развој на домашниот бизнис;
- национална стратегија за вработување со мерки за поттикнување и подршка на вработувањата, продуктивноста и пораст на животниот стандард;
- утврдување на приоритетите на сообраќајната и енергетска инфраструктура и динамиката за нивна изградба;
- мерки за субвенционирање на енергетска ефикасност и „зелена енергија“;
- утврдување на најоптимален и правичен даночен систем;
- национална стратегија за млади;
- кои се идните потреби за функционално образование, научно истражувачка дејност, индустриски и дигитални иновации, информатичкото знаење и нивна примена во функција на бизнисите, со цел подготвување на бизнисот да фати приклучок на економиите кои ја предводат т.н. 4-та индустриска револуција;
- дефинирање на рамката за развој и подршка на земјоделците, земјоделието и преработувачката индустрија;
- утврдување на мерки за стимулирање и развиток на туризмот во сите негови сегменти;
- опфат и динамика на реформи за зголемување на ефикасноста на државната и јавна администрација;
- дефинирање на моделот за натамошен развој на здравството;
- утврдување на насоки за реформи на правосудниот систем;
- заокружување на безбедносниот и одбранбен систем на земјата;
- стратегија за намалување на сиромаштија;
- одржување и подобрување на меѓуетничките односи;
- мерки за подобрување на угледот и значењето на земјата во соседството и во меѓународната зедница;
- договор за обемот и содржината на основната рамка за долгорочна заштита на идентитетот, македонскиот јазик, националната култура и културното наследство;
- утврдување на обемот и динамиката за довршување на децентрализацијата;
- заокружување на процесите за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ;
Поттикнати од општествената реалност, нашата бројност, способност, знаење, искуство, мудрост, верба и желба, ние пензионерите се здруживме преку реализација на програмските определби на ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ, да придонесеме во развојот и прогресот на земјата.
Нашата Програма е ПОНУДА НА ДОГОВОР СО ГРАЃАНИТЕ, со чија подршка и доверба СЕ ОБВРЗУВАМЕ, дека ќе ги вложиме сите свои сили и знаења да ги реализираме следните цели:
- обезбедување на услови за активно стареење, достоинствена старост и пензии со кои се подобрува социјално-економската положба на пензионерите;
- заштита од сите облици на дискриминација, неприфаќање и маргинализација на пензионерите;
- државата да ги гарантира пензиите, пензиите да бидат редовни и сигурни;
- пензиите да го следат порастот на платите во јавниот сектор, да се достигне и одржи правичен сооднос на просечната пензија со просечната плата и на минималната пензија со минималната плата;
- гарантирање и унапредување на правото на здравје, лекување и лекови;
- социјално згрижување на сиромашните и немоќните, социјална сигурност и солидарност во општеството;
- афирмирање на правата на жените, подршка на семејствата и наталитетот;
- креирање на свои и подршка на други иницијативи и законски решенија кои што се однесуваат на родовата еднаквост.
- активна подршка на политиките за вработување и на најниска цена на трудот која овозможува достоинствен живот и идна пензија на работникот;
- развивање и подршка на домашното стопанство и претприемачи, но и на социјално претприемништво и партнерство;
- зачувување на стекнатите и унапредување на правата на работниците утврдени во Колективни договори;
- потикнување и подршка на индустриските и дигиталните иновации и технолошкиот развој на стопанството, особено на младите стручни кадри со подршка при отворање на старт-ап (start-up) компании;
- професионална, одговорна и ефикасна јавна администрација;
- правични, ефикасни и долгорочно предвидливи даночни политики;
- инвестирање во инфраструктура, енергетика и екологија, како основа за раст и економски развој;
- квалитетно, функционално применливо образование и знаење, подршка и развој на модерна и иновативна наука;
- масовен, активен, безбеден и субвенциониран спорт;
- зачувување на здравата животна средина со среднорочна стратегија за отстранување на причините за нејзина деградација;
- развој на културата на хуманизмот и толеранција, како и медиумско-информативен плурализам;
- поддршка на независноста на медиумите, нивно целосно ослободување заради градење на критичко јавно мислење;
- заштита на легитимните права на граѓаните за слободно и јавно изјаснување за важни општествени и политички прашања поврзани со нивните потреби и интереси;
- подршка на рамномерен регионален развој, со цел намалување на неприфатливо големите разлики помеѓу селата и градовите;
- континуирана подршка на младите земјоделци и претприемачи;
- државата да ги заштити и помогне домаќините и домаќинствата во селата;
- обединување на пензионерите со работниците и младите вработени и невработени, врз принципите на солидарност и идеите за социјална правда, за намалување на идните преселби и миграции, особено на стручните кадри;
- постојана, неселективна и одлучна борба на државата против корупцијата и организираниот криминал;
- за владеење на правото и правдата и држава во која секој поединечно ќе биде одговорен за стореното;
- подолги рокови за застарување на кривичните дела сторени од избрани лица и лица кои вршат јавни функции;
- истрајно залагање за остварување на НАТО и ЕУ интеграциите и подигање на угледот на земјата во регионот и пошироко.
Програмските определби на ПП се во согласност со Статутот, во кој е нагласено дека
таа се залага за достоинствен живот и работа на сите граѓани, но пред се на пензионерите и младите. ПП, исто така, продолжува да делува пензионерите и младите, како релевантни политички групации реално и соодветно да бидат застапени и вклучени во креирањето на политиките во земјата. Така се смалуваат можностите некој друг, во нивно име, да им го уредува животот и да им ја „крои“ иднината.
ПП во својот фокус ги има младите. Тоа е јасен израз на определбата за градење на поврзаност со генерациите кои не наследуваат, нивниот ентузијазам и инвентивност со нашето искуство, посветеност, толеранција и трпеливост.
Партијата со својата програма е препознатлив политички субјект, не само пред домашните, туку и пред граѓаните во дијаспората.
ПОЛИТИЧКИ ПРОФИЛ НА ПАРТИЈАТА
Општествено – економскиот интерес за пристоен и достоинствен живот на секој граѓанин во нашата држава е основната идеја што цврсто го одржува политичкото единство на ПП. Етничката, верската, јазичната и другите видови припадност на членството ги третираме како посебно богаство кое ја одликува оваа Партија.
Партијата е независен политички субјект во Републиката. Таа нема за цел и не ветува партиски вработувања. Во своите редови нема и нема да вклучува партиски „поданици“, кариеристи и професионално и политички компромитирани личности. Одлучно и постојано се спротивставува на непотизам, клиентелизам и партизација на институциите. Поддржуваме правична селекција за вработување, со предност на стучните кадри, застапувајќи ги интересите на граѓаните кои живеаат тешко и кои најчесто се предмет на манипулација во изборните циклуси.
Партијата се залага за политичка контрола и отчетност на извршната власт кон законодавната. Да се воспостават инструменти на контрола и отчетност на 3-те власти, да нема неконтролиран субјект во власта.
На политичката сцена се бориме за правото на пензионерите соодветно и непосредно да бидат претставени во институциите на системот. Во врска со тоа испорачуваме причини и мотиви на граѓаните зошто да гласаат и зошто да ги подржат основните заложби на ПП за општеството и државата, особено за младите, пензионерите, социјално загрозените и невработените и зошто да останеме нивни гласноговорници на политичката сцена.
Се залагаме и учествуваме во градење и спроведување на политики кои го уредуваат образованието и економско – социјалната положба на младите во нашата држава. При тоа ги подржиме сите оние кои нудат можности и услови за нови работни места во реалниот сектор, како и за подршка и овозможување подеднакви шанси за младите во македонското општество, нивен подобар живот и намалување на нивното исселување (т.н. одлив на умови). Се залагаме за увоз на памет, а не само технологија, за враќање на нашите врвни таленти од светот, дури и само за да ги инспирираат младите да учат и да напредуваат во доменот на нивното знаење и искуство.
Според нас најважен национален и државен интерес е обнова на населението во земјата. Се соочуваме со мошне сериозни демографски проблеми. Младите луѓе поради актуелната економска состојба се колебаат да формираат семејство и да станат родители. Поради тоа наталитетот опаѓа, а населението старее. Затоа мораме веднаш да интервенираме во нашата популациона политика и да отпочнеме сеопфатна борба против „белата чума“. Мораме да го заштитиме семејството како институција, мораме да го стимулираме родителството и да ги помагаме семејствата со повеќе деца. Во таа смисла во фокусот на нашите политики е жената и нејзините права. Не дозволуваме да продолжи трендот жените да бидат „тивкиот дел“ од населението. Се залагаме на сите полиња како образование, вработување, заработка, и заштита од насилство драстично законски да ги промениме состојбите на подобро во полза на жените. Настојуваме поповолно законски да ги уредиме правата и положбата на жените со мерки на здравствена заштита за време на бременост, продолжено одсуство на еден од родителите поради нега на дете и зголемени надоместоци на вработените мајки за време на породилно отсуство.
Не сме оптоварени со идеолошки предрасуди и пречки и цврсто сме определени за демократски принципи во своето делување и непоколебливо се залагаме за владеење на правото, неселективност и праведност во државата. Ваквото определување партијата ја чини способна за рамноправна и успешна соработка со партии со различни политички опции. Поради што, континуирано работиме меѓу пензионерската популација за поттикнување на нивната проактивност и подигање на свесноста за реалното политичко значење и моќ во општеството и државата.
Партијата на рамноправна основа ќе соработува со сите невладини организации, институции и здруженија кои делуваат во интерес на општиот развој на земјата.
Партијата, особено, ќе соработува со организации, фондации и светот кои се бават со заштита, остварување и унапредување на права на пензионерите и другите социјално загрозени граѓани. Во таа насока подаваме рака за соработка и заеднички настап, со цел подобрување на положбата и економско-социјалниот статус на пензионерите, со здруженијата на пензионери и нивните сојузи (Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија и Сојузите на инвалидските и трудовите пензионери).
ПРОГРАМСКИ ОПРЕДЕЛБИ И ЗАДАЧИ
ПОЛИТИКИ ЗА РЕФОРМИ ВО ДРЖАВАТА
Партијата на пензионери истрајно, со залагање за толеранција во дебатите на политичките партии и ширина во усогласување на меѓусебните разлики, ќе делува да јакне улогата и моќта на Собранието, со обврска за редовна отчетност на пратениците пред граѓаните/бирачите. Тоа ќе овозможи создавање услови извршната власт да се организира според функционалните потреби на државата, сразмерно на големината и економската моќ, што според нас, ќе ги релаксира општествените прилики и ќе ја намали можноста партиите и коалициите да даваат
предност на партиските над интересите на граѓаните и државата, истовремено создавајќи поголемо државно единство во спроведување на усогласените цели.
Партијата на пензионери се залага за пропорционален изборен модел со една изборна единица, загарантирани места за помалкубројните етнички заедници и намалување на бројот на пратеници од сегашните 120 на вкупно 100.
ПП смета дека, согласно со општествената реалност, Претседател на Републиката треба да се бира, на непосредни избори, со мандатот кој трае 4 години, со можност за уште еден избор, а избирите да се спроведуваат истовремено со локалните избори. Ваквиот изборен модел ќе ги намали трошоците за спроведување на избори, ќе создаде пореални претпоставки за исполнување на законскиот цензус при избор на Претседател на државата и ќе ја реафирмира важноста на функцијата.
Тргнувајќи од фактот дека функцијата Претседател на Влада е најзначајната и највлијателна во државата, особено во креирањето и во спроведувањето на донесените државни политики, нашата партија се залага да се ограничи изборот и на оваа функција на најмногу 2 мандати (1+1).
ПП го афирмира овој предлог со уверување дека, за сегашното ниво на развој на општеството и државата, тоа е најцелисходно решение.
ПП, исто така, се залага за оптимализација на бројот на министерствата во Владата и на бројот на вработените во државната и јавната администрација.
Според вака воспоставениот критериум, ПП се залага за ограничување на мандатите и на Градоначалниците на вкупно 2 мандати (1+1).
Поради крајно лошите искуства од функционирање на т.н. „Пржинска Влада“, според нас, во иднина треба да се напушти таквиот пристап за организирање и спроведување на парламентарните избори.
За ПП, исто така, една од најважните задачи е реформирање на правосудниот систем (независно, одговорно, ефикасно, праведно судство и реформирано обвинителство) со цел истиот да стане оптимално функционален за остварување правда и правичност. Правосудниот систем мора да се „ослободи“ од партизацијата и забрзано да достигне стандарди остварени во демократските земји. Власта мора да биде одговорна, да спроведува неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата и да оствари еднаквост во спроведување на законите и пресудите.
ПП се залага економските прашања да имаат примарно место во идните државни политики, при што најпрво, со консензус, треба објективно и рационално да се согледа актуелната состојба.
РС Македонија мора да усвои нов концепт на економската политика и да ги определи развојните приоритети кои даваат најбрзи позитивни ефекти и кои обезбедуваат зголемување на производството, забрзано вработување и добро платени работни места.
Државата, се уште, треба да биде гарант и иницијатор за стабилност и развој на националната економија, која мора да биде основа на материјалниот развој и благосостојба на сите граѓани.
За таа цел ПП се ангажира и работи на:
- до јуни 2021 година да се донесе ДОЛГОРОЧНА СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ЗЕМЈАТА, која обезбедува одржлив развој;
- доградба со цел подобрување на ефикасноста на економскиот систем и негово усогласување со решенија во земјите на ЕУ;
- планирање, државна подршка и остварување на натпросечен пораст на индустриското производство, за максимално покривање со сопствени производи на побарувачката на домашниот пазар;
- државата да создаде правен, економски и социјален амбиент кој овозможува забрзан и успешен економски развој;
- завршување на започнатата и интензивирање на изградба на нова неопходна инфраструктура во земјата (автопати и магистрални патишта, железнички пруги, карго аеродроми, магистрални гасоводи и електроенергетска инфраструктура);
- реализација на проекти за обезбедување услови за развој на мали и средни претпријатија и нови добро платени работни места во домашните фирми и стимулирање на домашни инвеститори;
- подршка на инвестиции за развој на дигитални иновации;
- привлекување на странски инвестиции и на економски моќни исселеници за нивно инвестирање во земјата;
- реформирање на даночниот систем, со цел да биде правичен и долгорочно предвидлив, при што го фаворизираме прогресивното оданочување како поправично;
- државата со мерки на активна економска политика да ги штити корисниците на кредити од прекумерно високи банкарски камати и надоместоци, следејќи ги искуствата и праксата во земјите на ЕУ;
- преземање енергични мерки: за забавување на процесот на масовно исселување од земјата, особено на младите и стручни кадри; за зголемување на наталитетот; и за забавување на процесот на стареење на нацијата;
- забрзан и стабилен развој на земјоделието и агрокомплексот, зачувување на аграарните ресурси и осовременување и развој на преработувачката индустрија;
- создавање на поволни услови за живот и работа во малите места и во селата;
ПОЛИТИКИ ЗА ДОСТОИНСТВЕНА СТАРОСТ И ПЕНЗИИ
Пензиското и инвалидското осигурување, ПП го опсевира од аспект на СТЕКНАТИ ПРАВА И МОЖНИ НОВИ РЕШЕНИЈА. Стекнатите права, се однесуваат на пензијата како лично право и економска категорија (старосната, инвалидската и семејната пензија), усогласувањето на пензијата и зачувувањето на нејзината реална вредност, се однапред платени и остварени врз основа на систем установен од државата. Поради тоа стекнатите права не можат да бидат ограничени ниту намалени, туку државата мора да остане основен гарант за нивно спроведување.
При идните посуштествени реформи на системот на ПИО, ПП ќе биде иницијатор и гарант за инклузија на пензионерите уште при креирање на истите. Цел е да се зачува системот во кој правно се втемелени релевантните фактори и веќе стекнатите права, како и на ист таков начин да се третираат новите решенија кои би се постигнале со реформите, а се во правец на подобрување на животниот стандард и општествено-социјалната положба на пензионерите.
На меѓународен план, во поглед на ПИО, исто така мораат да се почитуваат сите ратификувани меѓународни конвенции, со обврска за почитување на спецификите на нашиот систем за ПИО.
Пензиите мора редовно да се исплаќаат и тоа во износ кој овозможува достоинствен живот на пензионерките и пензионерите, затоа што пензиите не се милостина, туку со личен труд заработено и стекнато право. Јакнеењето на стопанството, зголемувањето на вработеноста и поголемите плати, се основи за пораст на пензиите. Начинот на усогласување на пензиите треба да биде економски одржлив и социјално праведен. Треба да се создава долгорочно сигурна материјална основа за финансирање на стекнатите права од пензиско и инваллидско осигурување, затоа што објективно, без таква основа, овие права не е можно да се остварат во несмален обем. Мора да се создадат услови да се подобрува коефициентот на меѓузависност на релација вработен – пензионер, а државата и фондовите да ја гарантираат исплатата на пензиите.
Извесно е дека, во наредните години, ќе се зголемува бројот на стари луѓе. Според последните статистички податоци во Македонија има околу 320.000 пензионери, што е околу 15% од вкупното население во државата. Тоа условува наша обврска, на пензионерите, да им посветиме должно внимание и овозможиме помош. Мораме редовно да ја следиме положбата на сегашните и идни пензионери, да го засилиме меѓугенерацискиот договор и солидарност помеѓу оние што работат и кои користат пензија и правовремено да ги отстрануваме ефектите кои влијаат на дебалансот на средствата во ФПИОМ.
Целите на нашата пензиска политика, во околности на неискоренета сива економија и работа на црно, недоволен број на работно активно население, ниско ниво на плати и недоволно редовна и ефикасна наплата на ПИО придонесот се: редовни, сигурни, достоинствено балансирани пензии и задржување на сегашниот старосен праг за остварување на право на пензија.
Истакнувајќи ги досегашните успеси во пензиските политики, кои како партија ги инициравме и реализиравме во рамки на коалицијата, како што се: редовно усогласување на пензиите според процентот на пораст на трошоците на живот на период од 6 месеци, еднократно зголемување на пензиите за 2020 година во висина од 722,оо денари и воведување на т.н. државна социјална пензија, свесни сме дека економскиот раст ќе го условува исполнувањето на определбата порастот на пензиите да го следи порастот на платите во јавниот сектор.
Наша темелна заложба, во програмскиот период, е напуштање на концептот на зголемување на пензиите врз база на пресметка на износот на усогласувањето од просечно исплатената пензија. Ние креираме политики со кои пензиите се компарираат и усогласуваат во економски-социјално балансиран сооднос на минималната пензија со минималната плата и просечната пензија со просечната плата, како и со порастот на трошоци на живот, со цел до крај на 2024 година да се оствари:
- ПРОСЕЧНА ПЕНЗИЈА 60% ОД ПРОСЕЧНА ЗАРАБОТКА;
- ГАРАНТИРАНA МИНИМАЛНА СТАРОСНА И ИНВАЛИДСКА ПЕНЗИЈА 70% ОД МИНИМАЛНА ПЛАТА;
- ЕДНОКРАТНА ПАРИЧНА ПОМОШ НА КОРИСНИЦИ НА ПЕНЗИИ СО ПОНИЗОК ИЗНОС ОД МИНИМАЛНА ПЕНЗИЈА (семејна, земјоделска).
ПП смета дека, заложбите за зачувување на реалната вредност на пензиите се остварливи само доколку пензиите редовно се усогласуваат со порастот на платите и со порастот на животните трошоци. Пензиите не можат да бидат ограничени ниту намалени, тие се заработени и се исплаќаат од пензискиот фонд во кој осигуреникот, врз основа на закон, уплатил свои лични средства. Пензијата е законско, неотуѓиво и трајно лично право на осигуреникот и како такво не може да биде предмет на никакви негирања и манипулации.
Решенијата кои ги нудиме се системски и имаат за цел да обезбедат редовни и доволни приходи за одржување на финансиска стабилност и долгорочна одржливост на ФПИО. Во тој правец, според ПП, во наредните години е неопходно периодично да се зголемува процентот на придонесот за ПИО од 18,8% во 2020 година на 20% во 2025 година, за во 2029 година да достигне 21,2%, како што беше до 2009 година. За оваа реформа планираме, како активна подршка од државата, субвенции на исплатувачите на плата во стопанството во период од 2020 до 2025 година. Во овој период државата ќе ја плаќа разликата на износот на средства помеѓу процентот на придонесот за ПИО и новоутврдениот процент. Истовремено мора да се подобри фискалната дисциплина и редовноста на плаќањето на придонесот. Ваквата заложба условува построга контрола, континуирано сузбивање на сивата економија и зголемување на бројот на пријавени вработени за кои се плаќаат придонеси и даноци од плата. Во овој период треба да се направи сеопфатна меѓуресорска анализа, како Фондот за ПИО да се ослободи од другите давачки кои по својата суштина не се пензии.
Исто така, мора да се зачува и стави во функција вкупниот неподвижен и друг имот (пензионерски домови, рехабилитациони центри и др.), кој е финансиран од средствата на пензискиот придонес, така што ќе му се даде на располагање на оној од чии средства тој имот е изграден.
Нашата заложба за задржување на сегашниот старосен праг за остварување на право на пензија за мажи 64 и за жени 62 години е логична и праведна поради фактот дека мора да постои сразмера, помеѓу периодот на уплата на придонес за пензија и просечниот период на примање на пензијата.
Во функција на обезбедување на услови за активно стареење, веднаш по завршување на изборите, ја продолжуваме својата иницијатива за изменување на Законот за ПИО (член 148), со цел да им се овозможи на пензионерите, по остварување на правото на пензија, да можат повторно да се вработат и да примаат плата, без притоа да го изгубат правото на пензија. Ваквото решение, поради крајно лошата квалификациона структура на невработеното население во земјата, покрај правичност кон пензионерите, овозможува стопанството и другите дејности да можат да го обезбедат своето континуирано работење со ангажирање стручни и квалификувани вработени од редот на пензионерите, кои се во можност и сакаат да се вработат повторно.
Истовремено, со креирање на промотивни и едукативни кампањи, настојуваме работноактивните земјоделци, особено жените кои се членови на селските земјоделски стопанства, под субвенционирани услови, во значително поголем број да уплаќаат придонес за задолжително пензиско осигурување, со цел да се надмине нивната тешка положба кога ќе остарат. Притоа се залагаме за исправање на несразмерата на износот на минималната пензија која ја остваруваат земјоделците во однос на минималната пензија на работниците од стопанството. Ваквата мерка треба да придонесе за останување на младите на своите селски имоти и стопанства.
Се залагаме земјоделците, кои имаат многу ниски пензии, да можат да остварат право и на социјална помош, без условување да се откажат од својот имот. Неважно е каде живеат луѓето на кои им е потребна помош, важно е да не бидат дискриминирани и заборавени од државата.
Стратешки е важно и државата мора да има рурална пензиска и геронтолошка политика, за старите луѓе да не бидат препуштени на милост и немилост на нивните потомци кои не живеат со нив, бидејќи државата има обврска подеднакво да се грижи за старите во селата како и во градовите.
Пензискиот Фонд не смее да биде социјална институција и резервоар за решавање на социјалните проблеми на општеството. Пензискиот систем мора да се темели на економски и правно стабилни основи. Социјалните проблеми на општеството треба да се решаваат врз принципите на солидарност на сите членови на општествената заедница, во склад со индивидуалните и заеднички можности во државата.
Вработените за својата работа мора да бидат платени соодветно, така што износот на издвојувањата за придонесите за социјално осигурување да им овозможи пензии за достоен и сигурен живот, а истовремено да се зачува стабилноста и одржливоста на ФПИОМ.
Најниска нето плата по вработен во РС Македонија, до крај на 2021 година, да изнесува 16.000 денари, а 18.000 денари до 2025 година.
Почнувајќи од 2021 година, најниска основица од која се пресметува придонесот за ПИО да изнесува 70% од просечно исплатената бруто плата во државата.
Најниската старосна пензија (за мажи со најмалку 30 години стаж и жени со најмалку 25 години стаж) од 2021 година да изнесува 13.000 денари.
Оптимализирање на државните субвенции за работодавачите во ТИРЗ (Технолошко индустриски развојни зони) кои се однесуваат на придонесите за ПИО и здравство, при што за вработените во овие зони најниската основица за пресметка на придонесот за ПИО да биде износот на просечно исплатената бруто плата во државата.
Редовна уплата на средствата, како и отчетност за приливите и трошењата во ФПИОМ и Пензиските друштва, како и оптимализација на бројот на вработени во ФПИОМ и во Фондот за здравство, со цел за намалување на ризиците за нивно опстојување и создавање услови за успешно работење.
Покрај постојното законско решение за остварување право на пензија по основ на старост, настојуваме повторно законски да се врати можноста право на пензија, врз основа на личен избор, да може да се оствари и со исполнување на работен стаж од 35 години за жени и 40 години за мажи.
Законски ја регулираме можноста за докуп на работен стаж до 2 години, со цел, право на пензија да остварат и граѓаните кои имаат утврден работен стаж и платени придонеси за ПИО најмалку за 13 години.
Државна социјална пензија, редовно да се усогласува до износ од 50% од износот на просечната пензија исплатена во претходната година. При тоа, за двочлено семејство кое не остварува други приходи, износот на државната социјална пензија неможе да изнесува помалку од минималниот износ на исплатена социјална помош по друг основ.
Корисниците на пензија со износ понизок од 12.000,оо денари, независно од редовните усогласувања на пензијата почнувајќи од 2021 година, во наредните четири години, да добиваат надоместок (зголемување) на пензијата во износ од 300,оо денари месечно, или еднократна парична помош во износ од 3.600,оо денари годишно.
Нагласено се бориме веќе остварените права на пензионерите да не бидат предмет на политички манипулации.
Креираме критериуми и создадеме услови за доделување помош, за потрошена струја и огрев, на пензионерите со минимални пензии.
Покренавме иницијатива и опстојуваме на предложените законски измени со кои се подига старосната граница за важење на возачките дозволи, согласно со усвоените практики во земјите од ЕУ.
Бараме редовен отчет за состојбата на имотот стекнат со средства на пензионерите, како што се постоечките пензионерски домови, пензионерски клубови и сл.
Се залагаме и даваме подршка на пензионерските здруженија да им се врати имотот кој е стекнат со средства од придонесот за пензија, како и правото да располагаат и со него да управуваат самите пензионери, со контрола од надлежните државни органи.
Градењето на нови пензионерски и геронтолошки домови, во државна сопственост, како и дневни центри за нега на стари и изнемоштени пензионери, е една од примарните заложби на ПП. Бројот на пензионери и стари во земјата постојано расте, а со тоа и потребата од капацитети за нивно сместување во престојувалишта кои овозможуваат почит и достоинствена старост. Во овој правец, покрај користење на буџетски средства, треба да се поттикне и ангажман на локалните самоуправи со остварување на проекти за приватно-јавно партнерство, со осбен акцент на ранливите категории пензионери и стари лица.
Субвенционирањето за сместување во домови за стари лица на пензионери со најниски пензии, изнемоштените и пензионерите кои живеат сами, во домовите во државна сопственост, исто така е неизоставно потребна мерка која ја подржуваме и поттикнуваме. До крај на 2020 година ПП, по јавна расправа со пензионерските здруженија, ќе понуди конкретни проекти и динамика на градење на старски и пензионерски домови согласно со потребите и спецификите на нивните средини.
Се залагаме за еднакви услови при субвенционирање на превозот на пензионерите во сите јавни превозни средства во земјата, како и при посети на разни културни и уметнички манифестации. Во таа смисла неопходно е да се издаваат пензионерски легитимации на сите пензионери во земјата.
ПП смета дека е поцелисходно и покорисно, заради израмнување на правата на пензионерите и нивно поекономично работење, да се обединат пензионерските здруженија на инвалидските и семејните пензионери во еден Сојуз на пензионери.
ПОРАКА до пензионерите: Подржувајте ја и гласајте за ПП, единствениот политички субјект кој автентично ги застапува и се бори за вашите интереси!
ПОЛИТИКИ ЗА ПОДОБРО ЗДРАВСТВО И ЗДРАВЈЕ
Здравствена политика, која ја претставуваме, води кон остварување на вредностите потврдени низ практиката во здравствените системи во земјите од развиениот свет.
Нашите политики, за подобро здравство и здравје, се насочени во правец на континуирано градење на современо организиран, кадровски и технички опремен, рационален и економски одржлив здравствен систем, во којшто граѓаните рамноправно ги уживаат благодетите на личната и колективната здравствена заштита.
Во рамките на здравствената политика, посебно внимание посветуваме на потребата од измени и усовршувања на постојната законска регулатива, особено на правата од здравствената заштита кои се однесуваат на пензионерите, невработените и другите маргинализирани слоеви на нашето општество.
Примарно место меѓу прашањата и проблемите со кои се сочуваат граѓаните, при остварување на нивните здравствени права, има барањето за подетално регулирање на законските одредби кои се однесуваат на: превентивната здравствена заштита, примарното здравство, итната медицинска помош, патронажната здравствена служба, специјалистичко-конзилијарната работа, пост-болничкото лекување и рехабилитација и други здравствени активности.
Партијата посветува должно внимание и активно делува постојано да се подобруваат состојбите во поглед на јавност во работата на Фондот за здравство, идентификуваните коруптивните дејствија и практики на пациентите и медицинскиот кадар, пропишаниот кодекс за однесување во здравствените средини и во другите подрачја од здравствената дејност.
Перманентното и доследно информирање на граѓаните за правата кои ги имаат како корисници на различни видови здравствени услуги, имаат силно влијание во искористувањето на тие права. За остварување на ова цел, преку непосредни контакти со граѓаните и во соработка со надлежните органи и служби, планираме да се организира широка мрежа за објаснување и информирање.
Се залагаме за здравството, од националниот доход, да се издвојува оптимално ускладено со потребите на населението. Според сегашните податоци во Европа за здравствена заштита во просек се издвојува околу 13%, а во нашата земја малку повеќе од половина од овој процент. Поради ваквите параметри се обврзуваме состојбата да ја промениме на подобро, како во интерес на корисниците, така и на давателите на здравствените услуги.
Сите граѓани треба да бидат опфатени со здравствено осигурување на принципите на солидарност, еднаквост и универзалност, затоа што здравјето е заедничко јавно, а не само приватно добро. Иако пазарната логика за профит влезе и во областа на здравствените услуги, ние се залагаме мотивот за заработка да не го попречува пристапот до универзално достапната здравствена заштита. Исто така здравството не може да почива на тезата: колку пари – толку здравје! Долгорочно се залагаме за бесплатна примарна здравствена заштита, а краткорочно за минимизирање на партиципацијата, како и за проширување на листата на здравствени услуги и лекови кои се издаваат на рецепт и се плаќаат од средствата на задолжителното здравствено осигурување. Болниот човек, доколку се наоѓа во лоша материјално – социјална положба, не може да се препушти сам на себе, односно да се лекува само доколку има пари, или да страда ако нема. За граѓаните кои не се осигурени државата задолжително треба да обезбеди здравствена заштита.
Здравствената политика за која се залагаме има две главни цели: прво, системот на здравствената заштита да биде насочен кон социјалните начела за рамноправен пристап до здравствените услуги, а второ, да е доволно ефикасен за да остварува профит од инвестирање во здравството. Постоечкиот мешовит систем на финансирање е примарно заснован на јавни, буџетски извори на финансирање, односно на придонесите за здравствена заштита, како и на директни плаќања на партиципација и плаќање на дополнителни услуги од страна на корисниците. Ниското ниво на издвојувања условува, нужност, во блиска иднина да се промени начинот на финансирање на здравствената заштита и структурата на функционирање на здравствените установи.
Добрата примарна здравствена заштита е темел на добар здравствен систем. Реформирањето на системот на здравствена заштита треба да се насочи кон унапредување на здравјето и превенција на болестите, полесна достапност и пристап до здравствените услуги. Здравствената заштита на мајките и децата, старите (над 65 годин) и инвалидите, доброволните крводарители и донатори на органи за трансплантација, треба да биде бесплатна на сите нивоа на заштита. Системот на здолжително здравствено осигурување треба да обезбеди остварување на утврденото ниво на право на основна здравствена заштита, како во државните, така и во приватните здравствени установи, под исти услови за сите корисници на здравствена заштита. Затоа сметаме дека сите здравствени установи треба да бидат вреднувани врз основа на остварениот квалитет на испорачаната здравствена услуга на пациентите, со примена на исти критериуми на контрола, без оглед на сопственоста. Сметаме дека во приватните здравствени установи треба да се воведе финансиска дисциплина, особено при издавање на фискални сметки за платените услуги, што ќе овозможи подобра контрола на работењето на приватниот сектор. Кога човек ќе се разболи и му е потребно итно лекување, тој не е секогаш во можност да бира помеѓу државен и приватен лекар, туку го бара најдобриот лекар за себе. Задоцнетото и несоодветното лекување не е лекување. Правовременото пристапување до здравствените установи и услуги овозможува поголеми шанси за успешно излекување на болниот. Затоа лекувањето тешко може да се подели на државно и приватно и често се комбинира. Поради тоа се залагаме за интегрирање на ПЗУ во системот на примарна, секундарна и трецијарна здравствена заштита.
ПП укажуава дека е потребно да се модернизираат капацитетите во областа на откривање и следење на ширењето на заразните болести. Исто така е неопходна континуирана модернизација на сите здравствени и болнички капацитети и медицинската опрема, а нарочно во високоспецијализираните медицински установи од национално значење. Инвестирањето во овој сегмент ќе овозможи да се скратат роковите за чекање на специјалистички дијагностички прегледи, хируршки и други интервенции и терапија во специјалистички установи.
ПП особено се залага, редовното обезбедување на неопходните лекови и средства за лекување да биде примарен државен интерес, кој ќе се исполнува непречено, постојано и во најдобар интерес на болните.
Сметаме дека подобрувањето на превенцијата во поглед на рано откривање на најтешките заболувања (карцином и др.) е област во која државата мора веднаш и постојано да инвестира. Капацитетите за рано откривање на болести и натаму се ограничени, а акциите за скрининг не им се достапни на сите граѓани.
Децата се наше најголемо богатство и сметаме дека, доколку во земјава нема можност, треба да се подржи и правовремено финансира нивно лекување во најсовремените странски здравствени установи. Покрај превенција на најтешките заболувања, потребно е да се подобрат и поттикнат мерките против недостаток на физичка активност кај сите граѓани, а особено кај децата на училишна возраст и повозрасните. Исто така од примарно значење е и подигање на повисоко ниво на превенцијата во злоупотреба на дрогите, за што е потребен континуитет и подобрување на соработката помеѓу Министерството за здравство, МОН и МВР, особено за сузбивање на злоупотребата на дрогите во училиштата.
ПП смета дека мора да се преземат и одлучни мерки против корупцијата во здравството, како на релација лекар – пациент, така и лекар – фармацевтска индустрија.
Укажувајќи на значењето на почитувањето на правата на заштита на пациентите наведени во Римската повелба, го афирмираме нашиот концепт на здравствена политика кој е поттикнат од дефиницијата на Светската здравствена организација: „Здравјето е состојба на потполна физичка, психичка и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест, или неспособност“.
Во Партијата на пензионери, иако го подржуваме паралелниот развој на државното и приватното здравство во земјата, на сите нивоа, сметаме дека е поцелисходно, согласно со нашите актуелни услови и состојба, да се насочиме кон државното здравство. Имено, само така државата, врз основа на општествена солидарност за подобро здравје за граѓаните (особено пензионерите и младите) од сите социјални слоеви, ја задржува основата за креирање на долгорочни здравствени политики.
За успешно остварување на решенијата кои ги нудиме, нужно е потребно етапно да се зголемуваат стапките за пресметка на придонесите за здравство, така што во 2025 да изнесува 9,2% од бруто плата на вработен, како што беше до 2009 година.
ПП особено се залага и презема активни политики за:
- ослободување од плаќање партиципација за болничко лекување на лица постари од 65 години;
- доколку пациент одбере, или мора да се лекува во приватно здравство, да се овозможи делот од трошоците за лекување во приватните здравствени установи, во износ кој би се платил на државна здравствена установа, Фондот за здравство да го плати на приватната установа, а разликата да ја доплати осигуреникот лично;
- право на боледување на вработени лица за нега на стари родители, под слични услови како боледување за нега на болно дете;
- проширување на квотите за користење на бањско лекување во превентивни цели;
- јакнење на домашно лекување преку патронажни служби и домашна нега на стари лица;
- државно субвенционирање со ваучери за бањско лекување на сите корисници на пензија на кои, од здравствени причини, им е утврдена потреба и им е препорачан таков вид на лекување. Со овие ваучери државата на корисници, со пензии поголеми за 15% од просечната пензија, ќе им покрие до 30% од трошоците за бањското лекување, на пензионери со пензии помали од така утврдениот износ на пензија ќе им субвенционира до 50% од направените трошоци, а на пензионерите со минимални пензии до 80% од трошокот;
- поголемо покривање на трошоци за стоматолошки услуги за лицата постари од 65 години;
- ослободување од плаќање на трошоци за продолжување на возачката дозвола, со тоа што медицинско мислење за промена на здравствената состојба да дава матичниот лекар бесплатно;
- институционална грижа за стари, изнемоштени и инвалидизирани пензионери и други граѓани со ангажирање на патронажни медицински служби;
- ангажирање за волонтерска работа на ученици од средни стручни училишта и факултети во области на медицината, кои учат и се обучуваат за работа со стари, изнемоштени и болни луѓе, како нивна практична обука;
- овозможување на законска можност за избор на замена на матичен лекар за пензионери кои подолго време, од семејни или други причини престојуваат во друга општина;
- воспоставување систем за медицинска патронажа и доставување на лекови за пензионерите од руралните средини, кои се оддалечени најмалку 15 км од ЈЗУ и тоа најмалку еднаш на 10 дена;
- правично регулирање на здравствената положба т.е. лекување (основно и бањско) на пензионерите, а особено на оние со минимални и потпросечни пензии;
- помагање на верските заедници, согласно со нивните основни принципи за солидарност, организирано да се вклучат во овие процеси и подршка на невладините организации кои се основани за исполнување на вакви цели.
Во врска со здравствената политика, делуваме возрасните и младите во меѓусебна спрега да ја негуваат самопочитта и почитта кон луѓето без разлика на годините.
Така проширувајќи ја личната етика и одговорноста за себе и за другите се создава поволен општествен амбиент за волонтерски ангажирања и хуман однос кон немоќните и хендикепираните. Тоа за нас е поттик да продолжиме и во иднина со промовирање на волонтерското ангажирање, како практични програми, за помош и грижа за здравјето на повозрасните и пензионерите. Подигајќи го волонтеризмот на општествено значајно рамниште, пдржуваме финансиски да биде подржан од Буџетот на РС Македонија.
СОЦИЈАЛНИ ПОЛИТИКИ ЗА СОЛИДАРНО ОПШТЕСТВО
Социјалната заштита мора да биде втемелена во начелата на социјална правда, што подразбира грижа и одговорност на државата за сите социјално загрозени граѓани.
ПП, како политички субјект, му придава најзначајно место на остварувањето на социјалната правда, социјалната сигурност и солидарноста во општеството. За нас е исклучително важно да ги негуваме и зацврстуваме хуманите односи помеѓу луѓето, кои пак се засновани на традиционалните морални врдености на нашиот народ. Се залагаме за намалување на големите социјални разлики. Во земјава има исклучително богати луѓе, што е добро, но е неприфатливо што се продлабочува јазот помеѓу малкуте богати и мнозинството економски осиромашени граѓани. Затоа наша заложба е истрајно да се бориме против ваквото социјално раслојување, како и исклучувањето и маргинализацијата на сиромашните луѓе.
Солидарноста на целото општество и држава со загрозените, болните и немоќните е темелна вредност на нашата социјална политика. Се залагаме за социјална сигурност која подразбира достапност на основните социјални услуги на сите граѓани, без обѕир на нивното социјално, национално, верско, политичко или било кое друго потекло и статус. Само со заеднички напори на државата, општествената заедница и сите граѓани може да се обезбеди благосостојба на поединецот. Меѓутоа никој не може да биде ослободен од одговорноста за својот живот, труд, работа и благосостојба на своето семејство. Издржувањето на социјалните случаи не може да падне на товар само на државата и стопанството, туку е неопходен и позначаен придонес и учество на самите граѓани.
Целите на нашата социјална политика се двојни: намалување на драстичните социјални разлики помеѓу граѓаните и унапредување на социјалната заштита на оние кои се најмногу загрозени, сиромашните, немоќните, старите, болните или неспособните за работа. Затоа настојуваме да ги зачуваме и унапредиме, досега остварените, социјални придобивки: бесплатно образование и основна здравствена заштита, пензиското осигурување, социјална заштита за невработените и граѓаните со посебни потреби. Со активни социјални политики, во услови на низок животен стандард и несигурни работни места, делуваме да се обезбеди порамномерна распределба, на заедничкиот товар, со гаранции за минимум неопходна социјална сигурност на сите граѓани. Особено се трудиме да се воспостави систем на пружање услуги за помош во куќа од т.н. геронтодомаќинки, како и да се оформат народни кујни, дневни центри, клубови за стари луќе и луѓе со попреченост во развојот и сл.
Исклучително е значајно, институционално, како на нови групи на корисници на социјална заштита, да им се помага на жртвите на семејно насилство, злоставување, занемарување и самозанемарување, како и на жртви на трговија со луѓе, со акцент на подобрување на стандардите на заштита на децата, малолетниците и жените.
Во изминатите години голем број од жителите на земјата е сиромашен и тој број не се смалува. Нарочно згрижува што под границите на сиромаштија живеат и голем број деца, деца без родители и деца со попреченост.
На секој сиромашен мораме да му помогнеме. Но потребно е сиромашните да се дообразуваат, квалификуваат и оспособат за вработување на обезбедено работно место, за да го надминат статусот на пасивни приматели на социјалната помош. Притоа особено треба да се вложат напори сиромашните да се вклучат на легалниот пазар на трудот и да живеат од својата плата. Нивната работа на нелегалниот пазар на трудот, т.н. работа на црно, неможе да ги извлече од немаштина, несигурност, маргинализација и гетоизација.
Активна политика за преквалификација, инклузија на ранливите групи и афирмативни кампањи насочени кон нив, можат да помогнат во превенција на сиромаштијата во земјата. Притоа, за да се постигне успех, треба реално да се обезбеди пристап на сиромашните до работни места и вработување, здравствена заштита и образование. Исто така треба да се подобрат и комуналните услови за живот во населбите во кои живеат овие групи граѓани.
Да се биде сиромашен не е трајна состојба. Сиромаштијата не е само недостаток на пари, сиромашните патат психолошки, пасивни се и се чувствуваат беспомошно. Но секој поединец може, со сопствен напор и подршка од државата и општеството, со работа и труд да се извлече од таквата состојба. Затоа мора да направиме се, во разумен рок до 2025 година, да се преполови бројот на сиромашни во земјата.
За остварување на оваа цел, системот на социјална заштита мора континуирано да се прилагодува на европските стандарди и да се оспособи за примена на тие стандарди.
Постојано треба да се развиваат и унапредуваат социјалните услуги и социјалната превенцијата за спречување на појавата на социјалните проблеми, како и да се градат инструменти за спречување на злоупотреби на овој систем во изборните циклуси.
Најитно треба да се департизира менаџментот во Центрите за социјална заштита и соодветно кадровски и технички да се надградуваат ЦСЗ.
Се залагаме социјалната заштита во РС Македонија да базира на начелата на еднаквост и недискриминација, со услуги кои се подеднакво достапни до секој граѓанин кој има потреба од нив и чиј износ ќе се зголеми до 80% од минималната нето плата исплатена во претходната година, со цел обезбедување минимум за живот и сигурност на секој корисник.
Настојуваме да се прошири и развиве постојната мрежа на даватели на услуги на централно и локално ниво, како и активно да се вклучат невладините организации, приватниот сектор, но и волонтери кои финансиски ќе бидат подржани од буџетот и од донатори и да се развие служба за собирање и делење на непотрошена храна.
Неопходно е воспоставување на систем на лесно достапни услуги кои се насочени кон најзначајните и специфични потреби на граѓаните како поединци корисници, особено при обезбедувањето на стамбеното прашање. Стимулирање на инвеститори да градат живеалишта за немоќните и незгрижените. Да се поврати стабилноста и духот во основната клетка на живеењето-семејството, силна семејна лојалност, почитување на предците, за подигање на чувството на лојалност кон другите, кон заедницата и кон својата држава.
Истакнуваме потреба од поведување кампања за позначајна државна и општествена грижа за самохраните родители, подобрување на нивните економско-социјални можности и за нега на нивните деца, со зголемување на финансиската помош која ја добиваат од државата.
ОБРАЗОВАНИЕ И МЛАДИ
Системот на образование претставува огледало на едно општество и држава и укажува на степенот на вкупниот развиток на земјата. Модерниот систем на образование, доколку е сеопфатен, опфаќајќи ги под еднакви услови сите млади, без обѕир на нивната материјална и социјална положба е најголем гарант за забрзан општествено-економски, културен, научен и секој друг напредок и развој. Вложувањето во образованието и науката во 21 век претставува најкорисна и најбрзо исплатлива инвестиција.
Концептот на бесплатно образование и воспитание, на сите нивоа, е основа на нашата хумана политика.
Основното, средното и високото образование, од осамостојувањето се во транзиција и „реформи“. Последица на тие реформи е задолжителното средно образование и многу Универзитети (државни и приватни) кои не продуцираат образовни профили според потребите на пазарот на трудот, туку според политичката амбиција и желби на нивните основачи, што многу често резултира со хиперпродукција на функционално и работно неупотребливи струки, кои само го оптоваруваат системот.
Наставниците треба да се селектираат при уписот на Педагошкиот факултет и да се одберат таленти кои знаат да пренесуваат знаење (не е знаење да се знае, туку да се знае, знаењето да се даде). Наставниците треба перманентно да се едуцираат и надградуваат.
Се залагаме наместо „реформи заради реформи“ да се изгради стабилен образовен систем кој ги следи потребите на пазарот на трудот и овозможува меѓународно признаен образовен квалитет, компетенции и вештини, како и повисоко рангирање на нашите високообразовни институции на Шангајската листа. Образовен систем кој е прилагоден со достигнувањата од развиениот свет и остварува три основни меѓусебно поврзани цели: унапредување на достапноста – праведноста и рамноправноста во образованието, зголемување на квалитетот на образованието и подобрување на ефикасноста на образовниот систем. Покрај наведеното образовниот систем треба да обезбеди и вистинско заживување на перманентното образование во сите образовни и научни профили, особено во техничките и информатичките области како темел за спроведување на т.н. 4-та индустриска револуција. ПП бара државно стипендирање на најистакнатите ученици и студенти кои низ научната, истражувачката и иноваторската активност оствариле применлива продукција (производ) која може да се продаде на пазарот.
ПП несебично се залага за суштинска реформа на целиот образовен систем почнувајќи од детските градинки па до високото образование и после дипломското научно усовршување. При тоа наша начелна определба се децата, младите и возрасните да бидат во фокусот на секоја воспитно – образовна дејност. Усвојувањето на основните граѓански вредности и практичната оспособеност за работа се сметаат за врвен квалитет во нашето воспитување и образование.
Подржуваме изградба или реконструкција на образовни установи, обезбедување на современ училишен мебел и технички средства. Тие инвестиции претставуваат само подигнување на стандардот во кој се остварува образованието. Паралелно со постигнувањата за посовремни услови за образование, покренуваме иницијативи и прашања што преставуваат вистински реформи со кои продлабочено се навлегува во суштинските промени на постојниот образовен и воспитен систем на државата.
Во областа на науката, Партијата во прв ред ги поддржува апликативните истражувања, како во стопанството така и во општествените дејности. Со истражувањата од ваков вид по најбрз пат се зголемуваат можностите за унапредување на земјоделството, сточарството, овоштарството, градинарството и другите стопански гранки од витален интерес за развојот на РС Македонија.
ПП се залага и да се запре реализацијата на идејата за формирање на Академија за наставници, заради попречување на натамошно деградирање на високообразовните институции кои имаат долгогодишна традиција и континуитет во работењето на ова поле.
ПП се залага Универзитетите да ги оспособат студентите со знаење за истражувачки активности, како и да го унапредат научното, стручното и уметничкото знаење и творење. При тоа Универзитетите треба да бидат во функција на мостови и пренесувачи на светските искуства и резултати во образованието и науките, со цел најспособните студенти и научни работници да останат да живеат и работат во РС Македонија.
Настојуваме да се креира интегриран образовен систем за достигнување на одржлива интер-етничка и интер-културна интеграција во училиштата и другите образовни институции.
Се залагаме за подигање на научно-истражувачкиот и животниот стандард на Универзитетот и носителите на неговите активности, до ниво кое научните работници ќе ги стимулира да останат и да творат во земјава.
ПП се залага да се изврши анализа за економската и функционалната оправданост на дисперзираните студии за изведување високообразовна дејност, со цел истите да се оптимализираат.
Научните истражувања и наставните активности да се третираат како највисоки приоритети во државната политика.
На Универзитетите не смее да им се загрозува уставно загарантираната автономија. Тие мора сами да одлучуваат за начинот и насоките за остварување на своите цели и обврски. Притоа Универзитетите треба да продуцираат самосвесни и способни кадри кои се идните градители на општествените процеси, односи и практики.
ПП води општа и активна политика насочена кон квалитетно, функционално применливо образование на младите и обезбедување соодветна квалификувана работна сила за задоволување на реалните потреби на пазарот на труд.
Се залагаме да се создаде простор за широко учество во политичкото одлучување на младите, како и во областите за кои се пособено заинтересирани.
Партијата придонесува во создавањето услови за правично вработување на младите, решавање на станбеното прашање и доследно спроведување на националната политика за млади.
Отварање нови можности со заедничко усогласување на домашните политики со европските и спроведување на акциски планови кои произлегуваат од европските политики за млади, особено во делот на образованието, мобилноста, вработувањето и претприемништвото на младите.
Учество во изработка на државна и регионални стратегии во кои би се утврдиле знаењата и вештините потребни за конкурентност на младите во националната економија.
Воведување субвенционирање во ресторани за учениците и студентите од основното, средното и високото образование, со обезбедување на здрава храна и домашни производи.
Обврска на јавниот и приватниот сектор за вработување на младите и признавање на професионалната волонтерска работа како почетен облик за стекнување стручно искуство.
Следејќи ги европските мерки за потикнување на претприемништвото и самовработувањето на младите, настојуваме да се овозможат посебни поволни кредити и грантови за потикнувања на младите претприемачи.
Отварање на можности за користење на европскиот регионален развоен фонд и отворање на нови работни места, особено во послабо развиените региони.
Партијата инсистира на отворање на училишта на македонски јазик во одделни средини на иселеништвото, како и постојано осовременување на постојните учебници.
Партијата се залага за основање на посебна институција во државната управа која би располагала со сите оперативни ресурси за младите, да го креира, имплементира и вреднува спроведувањето на сите политики за младите.
ПОРАКА до младите: учете, оспособувајте се, работете, создавајте, учествувајте во јакнеењето на вашата држава, само таа е ваша и само вие сте нејзини, сегде на друго место не сте свои на своето. Чувајте го и вреднувајте го своето!
Партија на пензионери јавно обелодени иницијатива за формирање државен фонд за деца до 18 годишна возраст, во износ од 10.000.000 ЕУР годишно, наменет за создавање услови за нивно аматерско бавење со базичните спортови и со активности од полето на културата и уметностите, со акцент на физичките.
Основна цел на иницијативата е да се создадат претпоставки за намалување на ризиците за загрозување на здравјето на децата поради физичка неактивност, нивна социјализација, воспитание, како и превенција на асоцијални и девијантни однесувања. За оформување на психофизички здрава младина-локомотивата на општеството, потебно е да се реализира физичкото образование и активности уште од прво одделение до завршување на факултет.
Со овој фонд, во земјата се овозможува професионално работно ангажирање на околу 1.000 стручни лица од овие области (со минимална бруто плата од 40.000,оо денари, или вкупно околу 7.850.000 ЕУР и околу 2.150.000 ЕУР за исполнување други услови).
Покрај ова, ПП бара подршка за проект за субвенционирање на експерти (до 200) за научно откритие, производство на стопански употреблив софтвер, или друг производ, примена на нови методи на лекување во здравство или воведување на нови услуги, за кој од Буџетот на Републиката би се обезбедиле и намениле средства во износ од 10.000.000 ЕУР годишно.
Овие субвенции во вид на еднократна исплата на надоместок на плата, по претходно јасно, јавно и законски утврдена методологија, во износ кој е стимулативен да останат и работат во РС Македонија, се наменети за научни работници, стручни лица и иноватори, кои креирале иновација, или услуга како нов производ, откако самите или со помош на државата го продадат, односно примениле на домашниот или меѓународниот пазар. На овој начин покрај развојните можности кои во РС Македонија ги нуди земјоделското производство и прехрамбената индустрија, се отворара можност, за креирање и развиток на научно-истражувачка дејност, софтверската индустрија и иноваторството.
КУЛТУРА И УМЕТНОСТ
Културата и уметноста преставуваат слика на секое општество. Поради тоа ПП, посебно внимание посветува на културните, историските и уметничките вредности со кои се одликува нашата држава.
Македонија е земја со богата историја, долга традиција, историско и културно наследство и прекрасна архитектура. Грижата за понатамошниот културен развој на РМ ќе има висок приоритет во политичкото дејствување на ПП.
Ги поддржуваме заложбите за издавање на домашна и странска литература потврдена со својот квалитет од пошироката стручна и општествена јавност.
Истовремено се залагаме Министерството за култура да обезбеди услови и поволности за пензионери-писатели, актери, композитори, музичари, сликари, вајари, да продолжат со своите културни творечки активности од национален интерес.
Партијата, води грижа во годишните програми за култура, од национален интерес, да се дадат системски можности за ангажирање на посебно истакнати културни работници-пензионери.
Партијата, исто така, се залага за отворање на креативни работилници од областа на мулти-културата и творештвото, како и проширување на мрежата на меѓународни ликовни колонии, пред се во руралните средини.
Заради афирмација на македонскиот јазик, ја нагласуваме потребата за преведување на македонски литературни дела на странски јазици, со подршка од државата, преку основање на посебен фонд, за таа намена, во Министерството за култура.
ЖИВОТНА СРЕДИНА
Поаѓајќи од слоганот – „природата не казнува, не наградува, таа враќа трагични последици“- ПП, во својата програма, подигањето на свеста кај граѓаните, за екологијата и животната средина го определи како базична и примарна задача.
Притоа се раководиме од фактичката состојба, дека загадувањето и деградирањето на животната средина се повеќе го преокупира и загрозува современиот човек, дека постојат приоритети во однос на обезбедувањето на основното право на човекот да живее во чиста и здрава средина и дека тоа е услов во однос на исполнувањето на целта земјата да пристапи кон Европската унија.
РС Македонија, со својата слаба економија, е сеуште на почеток на креирање на стратегија и приоритети во политиката во областа на животната средина и климатските промени. Поради ниското ниво на стопански развој и недостаток на средства за инвестирање во оваа област, најчесто земјата се ослонува на грантови од развиените земји, кои најчесто ги користи како акутна помош за подобрување на состојбите. Досега прибраните податоци покажуваат дека состојбата во оваа област е незадоволителна и далеку од воспоставените европски практики, при што особено загрижуваат податоците за лошиот квалитет на воздухот и водата.
Контролите на квалитетот на воздухот, во неколку градови во земјата, на годишно ниво, покажуваат дека овие средини припаѓаат во 3-та категорија на квалитет на воздух со надминување на толерантните вредности на повеќе материи кои го загадуваат воздухот.
Во однос на квалитетот на водата, особено од аспект на присуство на загадувачки материи, неопходни се значителни вложувања за модернизација на постоечките и изградба на нови капацитети за преработка на вода за пиење, но и за прочистување на водата во системите за наводнување во земјоделието, или водните површини на туристичките крајбрежја.
На полето на управување со отпад состојбите се малку подобри, но сеуште под нивото на утврдените стандарди и состојби во европските земји, особено во сегментот за селекција и рециклирање на отпадот. Во земјата досега има само една регионална санитарна депонија, усогласена со стандардите на ЕУ. Новите инвестиции, во областа на управување со отпад, треба да се насочат на селекција и рециклирање на отпадот. Потребно е во среден рок, да се затворат депониите кои не се во склад со прописите и да се подобри спроведувањето на законот за управување со отпад.
Екологијата е мултидисциплинарна наука која ги опфаќа и проучува сите живи суштества и животната средина. Ние во нашата програма примарно се посветуваме на воздухот, почвата, водите и вегетацијата во земјата, бидејќи тука можеме да дадеме конкретен и ефектен придонес.
Воздухот, поради интензитет на неговата загаденост во подолг временски период.
Почвата, поради уништувањето на зелените површини и пустошењето на шумскиот фонд.
Водата, поради фактот дека ја има во ограничени количини и дека не е обновлив ресурс, а и поради сознанието дека во земјата се повеќе има води кои што се именуваат како „колектори“.
Еколошката криза, истовремено, отсликува драматични состојби по здравјето на луѓето, особено кај помладите и повозрасните. Состојбите на флората и фауната кои се доведени до работ на исчезнување и мутации, како резултат на реакција од загадената средина се застрашувачки. Кај луѓето доминираат тешки заболувања на целиот организам, најчесто органите за дишење, црниот дроб, појава на малигни заболувања, зачестени деструктивни и дегенеративни промени на плодот кај бремените жени и друго.
Мерките за борбата против оваа лоша еколошка состојба се многубројни но ПП ќе даде свој придонес со следните:
- Донесување на државна стратегија за заштита на животната средина.
- Продолжување со процесот на приближување кон политиките на ЕУ за заштита на животната средина.
- Зголемување на капиталните инвестиции во областа на животна средина според препораките усвоени од ЕУ институциите, особено за намалување на емисијата на штетни гасови, за третман на отпадни води и управување со отпад.
- Зајакнување на административните капацитети потребни за обезбедување ефикасно управување со животната средина.
- Ограничување на увоз на возила кои не ги исполнуваат еколошките стандарди утврдени во ЕУ.
- Граѓаните поточно пензионерите, како волонтери, во функција на неформален инспекциски орган, да ја контролираат незаконската изградба на објекти и да информираат за несоодветното депонирање на ѓубрето, отпадните води од индустријата, узорпирање на зелените површини и сл.
- Младите како најперспективна група на граѓани треба да се самоизградат за еколошката едукација и да преземат иницијатива за едукација на населението преку еколошки друштва. Тие истовремено треба да земат учество во информирањето, еколошките акции и креирањето стратегии за заштита на животната средина, бидејќи ним им припаѓа иднината и можноста да го подобрат квалитетот на животната средина.
- Екологијата, како наставен предмет, да се воведе во наставниот процес од основно образование.
- Јавните установи во областа на образованието (почнувајчи од претшколско образование), воспитувањето, здравството, информирањето и културата, се должни да планираат и реализираат програми за унапредување на животната средина.
Ја истакнуваме итноста за примена на мерки и активности за подобрување на елементите што ја сочинуваат животната средина – здрава и чиста вода за пиење, чист воздух, подобрени услови за живеење, намален број на болести, решавање на проблемот со дивите депонии и подобрување на инфраструктурата.
Инсистираме на интензивно решавање на проблемот со отпадот и дивите депонии на целата територија, отпадот да се користи за еколошко производство на енергија. Сите отпадни води да поминуваат низ колектори/филтри пред да се влеат во реките. Итно да се забрани употребата на јагленот за затоплување, а во среден рок и за производство на електрична енергија.
Инсистираме и на подигнување на свеста на граѓаните, со промотивни кампањи и организирање практични акции, за нивно дирекно учество во еколошките акции за подобрување на околината.
Настојуваме да се зајакне соработката со единиците на локалната самоуправа, Министерството за животна средина и сите институции, фондации и здруженија на граѓани, со цел реализирање проекти и активности за подобрување и унапредување на животната средина.
Партијата се залага , веднаш и долгорочно, за подобар квалитет на живеење на сите граѓани во земјава, за анализа на проблемите од различни региони и изготвување проекти за подобрување на состојбите, на микро план, од аспект на животната средина и здравјето.
Грижата за животната средина и здравјето на граѓаните е приоритет и стратешка определба на сите институции, но тоа треба да биде приоритет и определба и на секој граѓанин/ка.
СТОПАНСТВО И ЗЕМЈОДЕЛИЕ
Порастот на економијата е нужен доколку сакаме сиромаштијата да ја замениме со просперитет. Растот е можен единствено со поголемо и одговорно вложување во продуктивно производство како и вложување во сите делови на економијата. Од особен интерес е зголемување на прометот на стоки во извозот и нестоковен извоз, зголемување на инвестициските работи, давање на концесии на странските инвеститори исклучиво во производство за извоз и вработување на домашни работници.
Подржуваме и се залагаме за рамномерен регионален развој и јакнење на влијанието на локалната самуправа. Со инвестициски вложувања да бидат опфатени прехранбената индустрија, енергетиката – пренос на електрична енергија, гасификацијата, металско преработувачката и друга индустрија, туризамот, рационално искористување на природните богаства и производство на здрава храна.
Со вложување во економијата се развива и државата. Партијата се залага државата да биде гарант на стабилноста и иницијатор на реформата на стопанството и националната економија.
Ги поддржуваме вложувањата на инвестициите со кои се овозможува долгорочен развој и зголемување на индустриското производство и зголемен број на индустриски капацитети, а особено отворање на нови работни места, пособено за младите.
Се залагаме за зголемување на инвестициите во модернизација на постојните и изградба на нови енергетски капацитети, особено на технологиите кои користат извори на обновлива енергија, како ветропаркови, хидроцентрали и фотоволтаични централи.
Ги поддржуваме проектите и плановите за ревитализација и модернизација на хидроелектрични и термоцентрали и замена, во разумен рок, со обновливи извори на електрична енергија.
Ја нагласуваме потребата, најургентно, да се реализираат плановите за целосна гасификација на Македонија, за да се обезбеди поефтин енергент, зголемена енергетска сигурност и поздрава животна средина.
Посебен интерес на партијата е развојот на аграрот со акцент на ревитализацијата на селата имајќи ги предвид реалните производни можности и потенцијали за нивното учество во вкупниот општествен производ,
Земјоделството е примарна стопанска дејност и има приоритетно место во макроекономската политика на земјата. Имајќи ги во предвид потребите од прозводство на храна и потребните услови да биде носечка дејност на стопанскиот развој на РС Македонија, го истакнуваме нашето залагање за реализација на:
- брзи и квалитетни промени во индустриската и аграрната политика, бидејќи домашното земјоделство е веќе изложено на несразмерно силна меѓународна конкуренција на домашниот пазар, а недоволно се работи на стимулирање за создавање поголем асортиман, квалитет, доработка и повисоки цени на земјоделските производи, храната и преработките во конзервната индустрија.
- за нова стратегија и оперативна програма за ефикасна подршка, во користењето на потенцијалите, кои би довеле до целосно нивно искористување за производство на доволно продукти, за нашата држава и за извоз во странство.
- развојна стимулација на индивидуалните земјоделски стопанства (фарми).
- примена на маркетинг-микс коцептот кој е битен услов за развојот и динамиката на земјоделското производство со ориентација за извоз..
- поадекватно вреднување на трудот на земјоделците и создавање на реални можности за миграција на населението, особено на младите, од градот во селото.
ПП предлага стимулативни мерки за посебно заживување на аграрот и аграрните производи особено во напуштените рурални средини. Така, со субвенцирање на производството би се овозможило враќање на луѓето во напуштените рурални средини.
Еколошко производство на храна, јакнење на конзервната индустрија, здружување на лозарите и винопроизводителите за заеднички настап на светскиот пазар, со понуда на висококвалитетни вина и други производи.
СООБРАЌАЈНА ИНФРАСТРУКТУРА
Од исклучително значење е да продолжи градбата и да се доврши клучната сообраќајна инфраструктура во државата. Тоа земјата ја прави попривлечна за странски инвестиции, а истовремено го задвижува домашното стопанство и туризам и инвестициите во нив. Македонија мора да напредува квалитетно во патната сообраќајна мрежа, а истовремено треба да се подобрува и железничката и воздушната транспортна инфраструктура. Се залагаме сообраќајните коридори, заедно со енергетиката и екологијата да бидат стратешки гранки на развојот и напредокот на Македонија во периодот 2020 – 2030 година.
Се залагаме, исто така, за утврдување на приоритетите во сообраќајот, градење, модернизирање и реконструктуирање на патните коридори 8 и 10 и интергрирање на мрежата на автопати со останатите регионални патни и железнички правци низ земјата. Се залагаме и да не се запостави инвестирањето во изградба на нова и реконструкција на постојната локална патна и железничка инфраструктура.
Ја истакнуваме и потребна за изградба на аеродроми за стопански цели.
Настојуваме, државата на долгорочен план, во периодот 2020 – 2030 година, да им помогне на локалните самоуправи да ги освременат уличните мрежи во населените места, со прописно означување и обележување. Научно и стручно да се креираат и проектираат долгорочни сообраќајни решенија, а потоа да се уреди и контролира сообраќајот кој се одвива по истите. Да се едуцираат едукаторите на учесниците во сообраќајот. Едукацијата да започне од најмали нозе и перманентно да се контролира спроведувањето во пракса. Постојано и систематски да се работи на кревање на нивото на сообраќајната култура, која е прво впечатлива слика на секој посетител на нашата земја.
Партијата дава целосна поддршка во осовременување на електронските комуникации и информатичките технологии и вклучување на нашата земја во глобалната мрежна економија.
Се залагаме за поинтезивен и современ развој на националниот и меѓународен транспорт и обезбедување на транспортни услуги со висок квалитет и безбедност. Посебно и постојано да се актуелизира потребата за проширување на патната мрежа во руралните и недоволно развиените средини.
ДРЖАВНА И ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА
Партија на пензионери систематски ја поддржува определбата за департизација, професионализација и деполитизација на јавната администрација.
Предлагаме да се намали на оптимална бројка која е капацитетна, функционална и ефикасна администрација, која е единствено во функција на граѓаните.
Партијата поддржува создавање услови и објективни критериуми во кои државните и јавните службеници ќе напредуваат во кариерата.
Настојуваме и бараме обезбедување транспарентност и отчетност за работата на јавната и државна администрација. Администрацијата да се намали на оптимална бројка која овозможува нејзина капацитетност, функционалност и ефикасност во функција на граѓаните.
Државната и јавна администрација треба да претставуваат јавен сервис за граѓаните врз стандардите зацртани од Советот на Европа и Повелбата за човекови права на ЕУ.
Партијата се залага за измени и дополнувања на Законот за државни службеници во смисла на создавање независна Агенција за државни службеници, надвор од извршната власт, а одговорна пред Собранието на РС Македонија.
ОДБРАНА И БЕЗБЕДНОСТ
Партија на пензионери се залага за континуитет, како и целосна и доследна примена на системот за повеќегодишно планирање, програмирање и извршување на Буџетот во: Одбраната, Полицијата, Агенцијата за разузнавање, Центарот за справување со кризи и Агенцијата за заштита и спасување.
Инсистираме на реална и фактичка деполитизација и департизација, професионализација и почитување на критериумите и принципита на селекција и класификација, во МВР, МО и Армијата, Агенцијата за разузнавање, Центарот за справување со кризи и Агенцијата за заштита и спасување.
Укажуваме на неопходност од демократска, целосна и ефикасна парламентарна контрола над работењето на службите за безбедност и разузнавање.
ОДБРАНА
Се залагаме за заштита на виталните национални интереси и реализација на стратегиските цели во делот на одбраната.
Одбранбената политика да биде посветена на остварување и заштита на нашите национални интереси и градење, одржување и користење на неопходни безбедносни и одбранбени способности и капацитети, во рамки на единствен сет на сили, како дел од НАТО Алијансата и Заедничка Безбедносна и Одбранбена Политика на ЕУ.
Членството во во НАТО и ЕУ е најдобра долгорочна рамка за гаранција во зачувувањето на националните интереси и тоа е врвен приоритет на ПП.
Ја истакнуваме потребата да се продолжи со исполнување на заложбите за поголемо инвестирање во одбраната со континуирано зголемување на одбранбениот буџет за о,2% на годишно ниво, се до постигнувањето на 2% од бруто домашниот производ.
Со стабилно буџетирање да се обезбеди развој на нови и одржување на постоечките способности и капацитети.
Партијата се залага за стручен и професионален пристап во одбраната со кој се обезбедува одбрана на земјата, заштита на независноста и територијалниот интегритет и внатрешна безбедност.
Како членка на НАТО да развиваме и одржуваме одбранбени сили и способности кои, преку договорени стандарди и доктрини, се оспособени да бидат ефективно употребливи во целиот спектар на операции.
Како членка на НАТО внимателно да ги следиме најдобрите практики во одбранбената индустрија и преку меѓувладини договори, ефективно да ги искористиме ресурсите за опремување и модернизација на нашата армија со современи системи, со што се обезбедува неопходна интероперативност со сојузничките сили.
Одржување на постоечките капацитети, опремување и надградување со нови капацитети, до постигнување на потребното ниво, со примена на НАТО принципите и сдандардите при аквизицијата, со истражување на животниот циклус и цена на чинење на животниот циклус на системите и опремата кои ќе се набавуваат.
Трансформација и реорганизација на МО и Армијата согласно НАТО стандардите и целосна компатибилност согласно новите предизвици и барања.
Во управувањето со човечките ресурси во одбраната да бидат насочени кон афирмација на воената професија, привлекување и регрутирање на високо професионален персонал, како и развој на лидери на сите нивоа. Системско инвестирање во човечкиот потенцијал, негово правилно водење во кариерата и соодветно наградување.
Развој и осовременување на военото образование по теркот на најнапредните земји од алијансата.
Афирмирање и промоција на армискиот полигон Криволак како современ, меѓународен полигон полигон за обука и извежбување на сојузничките сили.
Ја поддржуваме политиката за учество на нашите мировни мисии предводени од НАТО, ЕУ и ООН и на тој начин да помагаме во градењето на безбедносниот амбиент во светот.
Партијата предлага мерки и активности за постојано јакнење на вооружените сили на РМ како гарант за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независност на нашата таковина.
Подржуваме и посветено се залагаме за изградба на проактивна одбранбена дипломатија, која треба да биде во функција на реализација на одбранбените цели, како нераскинлив сегмент во остварување на одбранбената политика. Подржуваме развој на нов модерен концепт за одбранбена дипломатија.
БЕЗБЕДНОСТ
Продолжуваме со одлучна борба против корупцијата и организираниот криминал. Сметами дека тие се едни од најголемите зла во нашата држава. Неопходно е да се обезбеди безбедност на граѓаните и на нивниот имот. Најосновна задача е гарантирање на ЈРМ, безбедност на јавните простори, особено во училиштата. Но борбата со корупцијата и организираниот криминал, тешко може да се добие без координиран настап на сите државни органи за борба со криминалот – полиција, обвинителство, судови и други правосудни органи, финансиски и даночни органи, како и казнено-поправните установи, заедно со граѓаните и пошироката општествена заедница. Борбата со криминалот и корупцијата, без исклучоци, мора да биде неселективна, правовремена и соодветна на степенот на опасност со кој се закануваат овие зла, особено организираниот наркокриминал и корупцијата во судовите, државната администрација и органи, здравството и локалната самоуправа.
Надлежните институции и органи, треба во континуитет да ја засилуваат борбата против сите видови на корупција, подмитување и перење пари. Мора да се достигне уверувањето дека ниедна криминална група, или поединец, не може да биде над законот и посилен од законот и државата, како и дека криминалот на крај не се исплати.
Во антикорупциската битка мора со полн капацитет да се вклучат и надлежните државни комисии, невладиниот сектор и медиумите, кои треба да вршат постојан притисок на надлежните органи да работат посветено, а истовремено со обелоденување на корупциски и криминални афери да создадат амбиент да реагира и пошироката јавност и граѓаните.
Ваквите активности, заради поголема ефикасност, нужно условуваат меѓуресорна институционална координација, со цел спроведување на Стратегијата за борба против корупцијата.
Посебно внимание мора да се посвети на превентивни мерки за едукација на граѓаните, почесто, да ги пријавуваат обидите за изнудување на мито и коруптивно делување, при што го имаме во вид и пријавувањето на сомневања за корупција и друг криминал од т.н. свиркачи.
Ги подржуваме модернизацијата и оспособување на полицијата, обвинителството, судовите и другите надлежни државни органи и комисии, промените и прилагодувањата на законите (актуелно Законот за Јавно обвинителство) кон европското законодавство и построгото санкционирање на сите видови организиран криминал и корупција, кои задолжително мора да резултираат и со посегнување и примена на економски мерки на казнување – одземање на незаконски стекнатиот имот и сл. Државата мора постојано да ги унапредува механизмите на превенција и заштита, информирање и подигање на свеста за заедничка борба на сите засегнати чинители.
Се залагаме за организирање на безбедносен систем способен да ги решава сите безбедносни ризици со стручен и професионален пристап во остварување на системот на јавна и државна безбедност, како и за континуирана и неселективна борба против секој облик на криминал со акцент на спречување и откривање на корупцијата и организираниот криминал.
Подржуваме реформи за воспоставување на критериуми и стандарди кои се применуваат во земјите на ЕУ при селекција на кадрите за вработување во безбедносните служби и полицијата и при усовршувањето и градењето на кариера, како и остварување на принципот за правична етничка застапеност.
Се залагаме за реформирана, модерна, стручна, професионална и способна полиција која ќе биде блиска до граѓаните нивен вистински сервис.
Го промовираме залагањето за воведување на “реонски полицаец“ заради зголемување на безбедноста на граѓаните и сигурноста на нивниот имот.
НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА
Надворешната политика има важна функција во афирмирање на Македонија во светот во политички и економски поглед, затоа ПП се залага за изработка на стратегија за надворешната политика со јасно одредени стратегиски цели на државата.
Интеграција на РС Македонија во Европската Унија и НАТО се приоритетни цели на надворешната политка за чија реализација се залагаме максимално.
Континуитет во подобрување на односите со соседите и продлабочување на политиката на добрососедство се наши фудаментални заложби..
Унапредување на регионалната соработка, градење на партнерски односи со земјите членки на ЕУ и НАТО, како и градење на стратешки односи со САД.
Поддржуваме надворешна политика за градење на мултикултурно европско општество врз основа на успешните модели на меѓуетничките и мултикултурните односи во Македонија,
Поддршка на политиката за промоција на македонските стопански интереси во странство и привлекување на странски инвестиции во земјата, како и зголемување на извозот.
Заштита на националните, културните, јазичните и верските права на македонците во соседството и светот, поголема грижа за граѓаните исселени од државата и зацврстување на врските со нив се постојан предмет на интерес и дејствување на Партијата.
Вложуваме силни напори на обединување на дијаспората врз основа на граѓански принцип, почитувајќи го значењето и улогата на сите етнички заедници во промовирање на Македонија низ светот.
Јакнење на дипломатијата и целосна професионализација на дипломатскиот апарат се потврден политички став на Партијата.
СУДСТВО
Довршување на реформите во правосудниот систем, ослободување на судовите и судиите од партиски влијанија, остварување на состојба на вистински независно и праведно судство, се императивни настојувања на ПП.
Судската власт, со својата независност, функционалност и ефикасност, мора да го врати оспорениот и нарушен углед и доверба кај граѓаните.
Еден од врвните приоритети на Партијата е градење на правна држава, остварување на правда и владеење на правото, за што е неопходно да се доврши процесот на реформи во правосудниот систем, негово професионално прочистување, така да овој систем конечно нормативно но и фактички да се усклади кон прифатените стандарди и практики во земјите од ЕУ.
Партијата се залага за воспоставување одговорна судска власт која ќе дејствува врз основа на законите, пропишаните правила и принципи и на тој начин да обезбеди правна сигурност, достапност на правда и еднаквост за сите граѓани.
Партијата ги подржува реформите во судството кои обезбедуваат негова целосна професионализација и поголема ефикасност во работењето, а особено усогласувањето со правото и усвоените стандарди на Европска Унија.
За остварување на овие цели неопходна е отчетност, правичност, неселективност и одговорност на судиите. Предлагаме, да се воведе стандард, доколку „падне“ пресуда на некој судија во Стразбур судијата да се разреши и да неможе повеќе да биде именуван/избран за судија.
Се залагаме за потполна департизација на судската власт е приоритетна задача на Партијата.
ЈАВНОСТ ВО РАБОТЕЊЕТО
Работата на Партијата е јавна. Информирањето на јавноста се остварува низ повеќе форми, пред се со: организирање прес конференции, издавање соопштенија, настапи на носители на функции на ПП во печатените и електронските медиуми, учество на трибини, тркалезни маси, советувања, веб страница и други форми кои овозможуваат навремено, целосно и објективно информирање на јавноста за работата на Партијата.
Информирањето на јавноста преку споменатите форми на комуникација е во надлежност на Претседателот на ПП, Потпретседателите, Генералниот секретар и Портпаролот на Партијата.
Врз основа на проценка на органите на Партијата и согласно со можностите, а во функција на информирање на пошироката јавност за работата на ПП, може да се издаваат: весник, билтен, флаери и други публикации кои ќе им бидат достапни на членовите и граѓаните.