СТАВ НА ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ за најавените реформи во пензискиот систем

СТАВ НА ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ
Во врска со најавените реформи во пензискиот систем и зголемувањето на старосната граница за пензионирање
Партијата на пензионери (ПП) изразува сериозна загриженост во врска со сè поактуелните дебати и најави за реформи во пензискиот систем, кои во својот фокус го ставаат зголемувањето на старосната граница за заминување во пензија.
Како партија која се бори за правата и достоинството на повозрасните граѓани, сметаме дека радикалното и нагло зголемување на старосната граница е неприфатливо. Ваквиот чекор би предизвикал огромен стрес, неизвесност и дополнително нарушување на здравствената состојба на работниците пред пензија. Наместо тоа, ПП препорачува кон ова исклучително чувствително социјално прашање да се пристапи крајно сериозно, аналитички и со широк општествен консензус. Доколку се докаже реална економска неопходност, промените во стажот мора да се спроведуваат постепено, етапно и со преодни периоди, за да не се оштетат сегашните генерации работници.
Пензискиот систем не смее да се реформира само преку најлесниот и најболниот пат – со продолжување на работниот век. Затоа, Партијата на пензионери предлага сеопфатен пакет мерки кои нудат вистински, одржливи решенија за стабилноста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ):
1. Поддршка за младите како основа на пензискиот систем
Стабилноста на првиот пензиски столб зависи од односот меѓу вработените и пензионерите. Наместо да ги присилуваме повозрасните да работат подолго, мора да создадеме поповолни услови за вработување на младите и да го спречиме нивното масовно заминување во странство. Секое ново работно место за млад човек е нов прилив во пензискиот фонд.
2. Системско и праведно усогласување на пензиите
Пензиите мора да се усогласуваат по јасни, законски дефинирани правила кои го следат порастот на трошоците за живот (инфлацијата) и растот на просечната плата. Се залагаме за искоренување на практиката на ад-хок политички одлуки и предизборни калкулации, кои внесуваат несигурност кај пензионерите. Исто така, висината на усогласувањето на пензиите мора да биде во праведна согласност со уплатените придонеси во текот на работниот век.
3. Борба против сивата економија и подобра наплата
Клучот за ликвидноста на ПИОМ лежи во намалувањето на неформалната економија и засилената контрола на наплатата на придонесите. Државата мора да се справи со појавата на исплата на плати „во плико“ и да обезбеди сите работодавачи редовно и во целост да ги уплаќаат придонесите за своите вработени.
4. Доброволност, а не присила при продолжување на работниот век
Го поддржуваме поттикнувањето на работниците кои сакаат и се чувствуваат способни да останат на пазарот на труд и по исполнувањето на условите за пензија. Сепак, тоа мора да биде исклучиво на доброволна основа, по нивна сопствена волја, при што државата треба да понуди стимулативни мерки и повисоки пензии за оние кои решиле да работат подолго.
5. Длабински реформи во вториот и третиот пензиски столб
Потребна е ревизија и оптимизација на функционирањето на приватните пензиски фондови (вториот и третиот столб). Овие столбови мора да гарантираат поголема сигурност, потранспарентно инвестирање на средствата и повисока приносност, со цел да станат вистинска потпора на државниот фонд, а не товар за идните пензионери.
Заклучок:
Партијата на пензионери порачува дека достоинствената старост е уставно право, а не социјална помош. Реформата на пензискиот систем не смее да се прави преку грбот на изморениот работник, туку преку системско зајакнување на економијата, зголемување на вработеноста и одговорно менаџирање со јавните финансии.
Партија на пензионери



