Интервју

Видео интервју на г. Илија Николовски за „Сободен печат“

Ќе има финансиска помош за пензионерите во зависност од висината на пензиите

До крајот на годината се очекува закон за минимална пензија, а предлогот на Партијата на пензионери е таа да биде 70 проценти од минималната плата

До крајот на оваа, или во текот на наредната недела, се очекува објавувањето на социјалниот пакет мерки, а пари ќе има и за пензионерите, најави во интервју за „Слободен печат“ Илија Николовски, пратеник во Собранието и претседател на Партијата на пензионери. Тој очекува и до крајот на годината да се донесе закон за минимална пензија.

Во однос на социјалните пакети, Николовски вели дека нивниот предлог бил паричната помош да биде делена во три групи. Во првата група да се оние со пензија до 14.000 денари и да добијат најголема финансиска помош, потоа со помала помош да биде втората група до 16.000 денари и на крај, третата група да биде до 19.000.

– Помош предвидевме за месеците ноември, декември, јануари и февруари. Во март има ново усогласување на пензиите, кое зависи од растот на просечната плата и од инфлацијата – вели Николовски.

Во однос на Законот за минимална пензија, Партијата на пензионери прелага таа да би минимум 70 отсто од минималната плата, а просечната пензија да биде 60 проценти од просечната пензија. Но, како што вели Николовски, крајниот збор, сепак, ќе го каже Владата.

– Ние би биле единствена држава не само во регионот туку и во Европа, со ваков закон. Откако се донесе Законот за минимална плата, ние бараме да се донесе и закон за минимална пензија. За жал, ние првпат во историја имаме помала просечна пензија од минимална плата. Тоа е поради растот на минималната плата во изминативе години од 9.000 денари на сегашните 20.175 денари – вели Николовски

На прашањето зошто ги нема на пензионерските протести, Николовски вели дека тие се декларирани како непартиски, па затоа и нивната партија не е на протест, но пензионерите се секогаш поддржани.

– Иницијативниот одбор не побара средба со раководство на партијата, а во секое време би биле примени. Се изјаснија дека се непартиски, како тогаш да застанам покрај нив кога тоа се непартиски протести. Но во суштина, не е така. Главен организатор е ВМРО-ДПМНЕ. Но, за жал, иницијативата им ја презеде Лавица, а сега пак партијата на Јанко Бачев – Единствена Македонија која е формирана по теркот на Единствена Русија чиј лидер е Путин – вели Николовски.

Тој вели дека нема никаква економска оправданост за линеарно зголемување на пензиите, но ако владата донесе таква политичка одлука, тој би ја поддржал.

– Нека ми наведат земја во Европа, или пошироко, каде што има линеарно зголемување на пензиите. Кај нас имаше во времето на режимот на Груевски, по 500-600 денари, и тоа на крајот на годината. Ние сме за стабилен пензиски фонд, во спротивно тој ќе дојде во колапс, па последиците ќе ги трпат и внуците на тие што сега бараат линеарно зголемување од 5.000 денари, откако го коригираа почетното барање од 3.500 денари – вели Николовски.

Тој вели дека пензијата е економска, а не социјална категорија.

– Моето почитување и разбирање за жртвите на транзицијата, за стечајците, за оние на кои не им е уплатуван пензиски придонес. Но, не можам да покажам разбирање за тие што уплатувале до 15 години колку да добијат пензија, а потоа се договарале за поголема плата, место да се плаќа придонес. Не можам да има разбирање за поранешни претседатели на општински комитети на Сојуз на комунисти, поранешни претседатели на извршните совети на општините, поранешни градоначалници, или бизнисмени кои исто така упропастиле по неколку фирми, а кои сега се во првите редови на протестите – вели Николовски.

Тој рече дека неговата партија се залага и за поголема либерализација на условите за добивање на социјална пензија, за зголемување на процентот за семејната пензија од 70 барем на 80 проценти.

Ние сме единствените во Европа со врзување на членарината со Солидарниот фонд

Јас сум против тоа членарината од 30 денари за Сојузот на пензионерски здруженија да биде врзана со Солидарниот фонд за посмртнина, вели Николовски и алармира дека ова е уникатен случај во Европа.

– За ова постои континуирано незадоволство од пензионерите. Поради тоа, се формира и Здружението Тука сме. Одредени пензионерски здруженија имаат огромни пари, па не знаат како да ги потрошат – имаат на сметки и по 800.000 денари. Исто така, има претседатели на здруженија што по пет-шест мандати се претседатели – рече Николовски.

Прикажи повеќе

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Skip to content