Обраќања

ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ: Дискусија на г. Илија Николовски на 30-та седница на Собранието

Во дискусијата по повод интерпелацијата на министерот Никола Димитров учествуваше и пратеникот Илија Николовски. Ова е дел од неговото излагање, кое го издвојуваме како позначајно.

Со оваа интерпелација покажувате дека се однесувате неодговорно, деструктивно и антидржавно. Врв на лицемерието и хипокризата, при што  ги оспорувате сите успеси кои ги постигнал министерот Димитров. Во времето кога тој е министер за надворешни работи се постигнати најголемите успеси на нашата земја – станавме членка на НАТО, на што опозицијата не се радувавте. Иако со тоа беше остварен генерацискиот сон од почетокот на нашата самостојност –  интеграција во ЕУ и НАТО.  Во таа насока сакам да потенцирам дека Македонија и Македонците никогаш не биле повеќе меѓународно признати и респектирани од денес што секако во тој дел иминистерот Димитров има своја заслуга.

Интересно е што министерот Димитров е најнапаѓаната личност од страна на опозицијата. Од тоа можам да заклучам дека некој од опозицијата ги лечи своите фрустарции и комплекси. Тоа го кажувам, бидејќи како член на овој Парламент во минатиот состав сведок сум кога на почетокот на ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, кога земјите членки на НАТО почнаа една по една да го ратификуваат Протоколот за членство и кога поради внатрешни политички проблеми последни го ратификуваа Шпанците вие со песимизам гледавте на тој процес. Во оваа прилика не сакам да зборувам како се однесуваше вашиот лидер.

Вашето проблематично однесување продолжи и кога 27 земји членки на ЕУ донесоа одлука за почеток на преговорите со ЕУ. За жал, таа одлука се уште не може да се операционализира, бидејќи поради однесувањето на Бугарија Советот на ЕУ се уште не може да ја усогласи содржината на преговарачката рамка, но со тоа не треба да се игнорира значањето на одлуката во што министерот Димитров има голема заслуга. Тоа го кажувам, бидејќи таа одлука ја чекавме скоро 15 години. Едноставно беше фер и правично сите без разлика кој е на власт или опозиција ја дочекавме заедно и заедно требаше да се радуваме. А како вие се однесувате? Вие почнавте да ширите тези дека министерот Димитров ја манипулирал јавноста и почнавте со протести измислувајќи повеќе причини.

Имавте историска шанса за национално помирување на македонскиот народ. Вашето раководство имаше можност да застане зад мнозинството граѓани кои во ситуацијата со Бугарија сите се сплотени и огорчени заради потезите на бугарската политика во врска со негирањето на македонскиот идентитет, јазик, историја и рампата што ни ја става Бугарија на патот кон ЕУ. Но, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Не може ако не биде контра СДСМ, па и ова контрапродуктивна интерпелција.

Меѓународното право ги регулира основните односи помеѓу државите. Во него државите не признаваат национален идентитет, народност, јазик и религија. Поради тоа, не држат вашите тези дека ќе ја изгубиме нациналната посебност и јазик, бидејќи за тоа никој не разговарал, ниту ќе разговара. Тоа се вашите заблуди и измислувате факти кои не постојат, а со тоа го манипулирате населението.

Комисијата по историските прашања имаше за цел да се подобрат односите помеѓу двете земји.  Во што е вината на Димитров што бугарската страна почна да ја злоупотребува комисијата и ги влоши односите помеѓу двете соседни земји. Сите знаеме дека со Бугарија министерот Димитров се покажа како тврд преговарач, бидејќи со своето однесување не дозвилил да се разговара за малцинства за што бугарска страна бара да се регулира со Анекс.

Зборувате дека договорот е штетен и асиметричен. Ако е така, зошто, сега, бугарската страна сака Анекс?

Не верувам дека не знаете дека  Бугарската позиција не е сватлива во Европа и  ООН, напротив тие се држава за потсмев во меѓународни рамки, бидејќи Бугарите тестираат нови теории во меѓународното право – непризнавање на национален идентитет, јазик и интерпетација на историјата. Тоа е противречно со позицијата на Бугарија, бидејќи, суверенитетот на една држава вклучува правото на самопределување по прашањето на националниот идентитет, а Бугарија нашата сувереност ја призна прва во светот уште во 1992 година.

За време на владеењето на сегашната опозиција околу 100.000 Македонци зедоа бугарски пасоши и овозможивте на овие граѓани Бугарија да им биде втора татковина. Очигледно одамна го изгубивте компасот, бидејќи дел од најгласните „кабинетски патриоти“ против договорот со Бугарија имаат бугарски пасоши.

Во оваа прилика сакам само да спомнам, а ако треба во репликите ќе објаснам, дека постојат независни аналитичари кои тврдат дека „Заеднички именител за неповолните македонско-бугарски односи се вика ВМРО, односно ВМРО на Каракачанов и ВМРО ДПМНЕ?

ВМРО-ДПМНЕ се формираше 6 месеци после ВМРО-СМД! Каква подударност!

Во таа насока сакам да цитирам еден унивезитески професор од Софија, Ивајло Дичев, кој вели: „Ако нашиот проблем со Македонците се реши, како што би се случило по природен пат во една заедничка ЕУ, самата причина за постоењето на оваа „внатрешна македонска организација“ – и нашата и на соседите – ќе исчезне. Колку подолго трае „револуционерната“ борба толку подолго ќе постојат и двете организации.

(Ова е дел од дискусија на пратеникот во Парламентот по повод интерпелацијата против Димитров).

Проследете ја целата дискусија.

Прикажи повеќе

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Skip to content